Ayhan Şimşek
29 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел денес соопшти дека нема да се кандидира на изборите за претседател на нејзината Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во декември, поради големиот пораз на партијата на неодамнешните регионални избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на прес-конференцијата во Берлин, по состанокот со извршниот комитет на партијата, Меркел истакна дека сака да го отвори патот за промена во партијата.
„Нема да се кандидирам за претседател на партијата на претстојниот конгрес на партијата ЦДУ во декември“, нагласи Меркел.
Таа потенцираше дека има намера да остане на функцијата канцелар до крајот на мандатот во 2021 година.
„Мојот четврти мандат ќе биде мојот последен мандат како канцеларка“, рече Ангела Меркел и додаде дека по завршувањето на мандатот не сака никаква политичка функција.
Меркел, која е на чело на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) 18 години, е под сè поголем притисок откако христијанските демократи претрпеа тежок пораз на неодамнешните регионални избори во сојузните германски држави Баварија и Хесен.