Husameddin Gina
28 Јануари 2019•Ажурирај: 28 Јануари 2019
СКОПЈЕ (AA) – На покана на министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, денес во официјална возвратна посета на Република Македонија престојува министерот за надворешни работи на Република Литванија, Линас Линкевичиус, јавува Anadolu Анадолу (АА).
По тет-а-тет средбата и пленарните разговори меѓу двете делегации, министрите Димитров и Линкевичиус одржаа заедничка прес-конференција.
Шефот на литванската дипломатија, Линас Линкевичиус, истакна дека Литванија ќе биде меѓу првите земји што ќе го потпише Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, со што ќе се овозможи и заокружување на Спогодбата од Вилнус од 2000 година, како и на Декларацијата за меѓусебна поддршка и солидарност во евроатлантските интеграции.
„Да потсетам дека работата сè уште не е завршена. Тоа им е јасно на сите и да кажам дека нема да стоиме настрана, активно ќе помагаме во областите во кои сметаме дека е важна поддршката и помошта“, рече Линкевичиус.
Линкевичиус, исто така, наведе дека меѓу Македонија и Литванија нема опипливи резултати во однос на трговската размена. Според него, твининг-проектите би помогнале за подобри резултати на економско поле.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, истакна дека денешната посета е возвратна и рече дека во 2017 година разговарале за тоа што претстои, а денес разговарале за тоа што е завршено.
„Радосен сум што добив уверување дека Литванија стои со нас и во однос на овие последни чекори кон НАТО-членството и во однос на почетокот на европскиот пат, односно почетокот на пристапните преговори“, нагласи Димитров.
На денешната средба двајцата министри потпишаа Спогодба за соработка на полето на меѓународниот транспорт помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Литванија.