Furkan Abdula
28 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, денеска го прими на средба министерот за надворешни работи на Република Литванија, Линас Линкевичиус, кој се наоѓа во официјална посета на Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Линкевичиус: „Литванија активно ќе помага за членството на Македонија во НАТО и ЕУ“
Според соопштението на Владата, на средбата е изразена поддршка од Литванија за интеграциите на Македонија во ЕУ и во НАТО, и е констатирано дека ратификацијата на Договорот од Преспа, и со тоа затворањето на околу тридецениското прашање, е одраз на големо лидерство покажано од двете страни, како и дека претставува позитивен пример за градење пријателство, не само меѓу двете земји, туку и во Европа.
Се наведува дека шефот на литванската дипломатија, Линкевичиус, кој е првиот министер за надворешни работи од земја членка на ЕУ што ја посетува Македонија по успешно заокружениот процес за реализација на Договорот од Преспа, најави активна поддршка во процедурите за Македонија да стане 30. земја членка на НАТО.
Во соопштението се вели дека е изразена и оценка за остварлив позитивен исход во јуни, кога Македонија очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ, и нагласена е потребата за суштински напредок во имплементацијата на реформите, посебно во областа на правосудството и борбата против корупцијата.
„Фокусирани сме на втората фаза од реформскиот процес и на постигнување видливи резултати во имплементацијата на реформите во делот на правосудството, борбата против корупцијата, ефикасна и професионална администрација и стабилизирање на целиот државен систем. По ратификацијата на Договорот од Преспа и од страна на јужниот сосед, очекуваме да бидеме 30. земја членка на НАТО, а по резултатите што дополнително ќе ги покажеме и во реформите на домашен план, дека ќе добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ. Евроатлантските интеграции за Македонија значат безбедност, стабилност и економски развој, но се голем придонес и во стабилноста на регионот“, рече премиерот Заев.
На средбата е разговарано за можноста за примена на искуствата од Литванија во делот на ИТ-бизнисот, синхронизација на потребите на релација бизнис - индустрија - образование, во делот на кибертехнологијата и информациите.
Се истакнува дека премиерот Заев и министерот за надворешни работи на Литванија, Линкевичиус заеднички ги констатирале пријателски односи меѓу Македонија и Литванија и отворените можности за развој на економската соработка.