Ali Cura
20 Април 2018•Ажурирај: 21 Април 2018
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, рече дека Сиријците меѓусебно многу се збилижија до вистински дијалог, но тврди дека Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија и Франција ги „бомбардираа преговорите во Женева“ со извршената операција во Сирија, јавува Anadolu Agency (АА).
Лавров се сретна со специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Стефан де Мистура во Русија, а потоа одржаа заедничка прес-конференција.
Лавров се осврна на ситуацијата по извршената операција во Сирија од страна на САД, В. Британија и Франција, истакна дека се загрижени и дека неприфатливо е тоа што опозициските групи во Сирија упатуваат апел до САД и сојузниците да продолжат со воените активности.
Рускиот министер нагласи дека поради агресивните акти на САД и нивните сојузници, активностите во регионот, вклучувајќи ги и активностите на делегацијата на Обединетите нации (ОН), се отежнати.
„По сирискиот Конгрес за национален дијалог кој се одржа во Сочи, и по самитот на лидерите на Русија, Турција и Иран кој се одржа на 4 април во Анкара, многу се приближивме до повторно обезбедување вистински дијалог меѓу Сиријците и до уставни реформи. Затоа, овие три земји (САД, Велика Британија и Франција) не само што ги бомбардираа таканаречените објекти со хемиско оружје во Сирија, туку ги бомбардираа и преговорите во Женева“, додаде Лавров.
Од друга страна, Мистура ги поздрави изјавите на Русија во однос на продолжувањето со политичкото решение и покрај настаните кои минатата недела се случија во Сирија.
„Ако поседуваме еден веродостоен политички процес, тогаш можат да се спречат слични кризи. Треба да ги развиеме активностите во Сочи, и активностите во Астана. Треба да го обновиме и ажурираме процесот во Женева врз основа на резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН. Треба да ја ставиме во сила одлуката на уставниот комитет и одлуката околу изборите. Тоа е наш приоритет“, рече Мистура.
Мистура изрази надеж за продолжување на дијалогот меѓу Русија и САД.