Mümin Altaş
23 Јануари 2017•Ажурирај: 24 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот и портпарол на Владата на Турција, Нуман Куртулмуш, денес по состанокот на Советот на министри под раководство на премиерот Бинали Јилдирим, одговараше на прашањата на новинарите. На прес-конференцијата Куртулмуш изјави дека се надева оти администрацијата на новоименуваниот американски претседател Доналд Трамп нема да ги повтори грешките што во односите меѓу САД и Турција ги имаше направено претходната влада во Вашингтон, јавува Anadolu Agency (AA).
„Почитуваниот Трамп ја презеде должноста претседател на САД и во тој процес се подразбира дека ќе работи на креирање на курсот на американската политика во рамките на глобалната политика, но и политиката на Блискиот Исток. Се надеваме дека новата американска администрација ќе има перспектива за воспоставување мир на Блискиот Исток, како и дека ќе биде иницијатор на потези што ќе донесат мир во светот“, изјави Куртулмуш.
Тој истакна дека Турција исто така на администрацијата на новоименуваниот американски претседател Доналд Трамп ќе ѝ ги повтори барањата за испорака на водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен.
„На администрацијата на Трамп ќе ѝ ги повториме барањата за испорака на (лидерот на) ФЕТО. Тука всушност, позначајно од самото продолжување на правниот процес е да видиме каков е ставот на новата американска администрација. Нè интересира дали новата американска администрација ќе излезе во заштита на еден лидер на разбојници, кој раководи со грст разбојници, или ќе ја избере 80-милионската Република Турција? Затоа, во рамките на нашето пријателство и сојузништво инсистираме на испорака на лидерот на ФЕТО, Ѓулен, а нашите барања ќе ги претставуваме на секоја средба. Се надеваме дека ќе го добиеме она што го бараме“, изјави вицепремиерот Куртулмуш.
Тој додаде дека администрациајта на Трамп мора да ги ревидира своите ставови за две клучни работи, доколку сака да ги зацврсти односите со Турција, а тоа е прашањето околу испораката на Ѓулен – лидерот на терористичката организација ФЕТО, одговорна за неуспешниот обид за државен удар во Турција – и околу прашањето за поддршката што САД ѝ ја дава на терористичката група ПЈД, која е огранок на терористичката организација ПКК во Сирија.
Осврнувајќи се на денешниот почеток на преговорите во Астана за прекин на војната во Сирија, Куртулмуш рече дека спротивставените страни коишто веќе 6 години војуваат во Сирија, на преговорите седнале со потполно спротивставени ставови и дека не треба да се очекува тоа да се надмине за ден-два.
„Состанокот во Астана е важен од аспект на тоа што спротивставените страни седнаа на преговарачка маса. Важна е поддршката на меѓународната заедница во тој процес. Да, и ние сме за мир, но за итен и траен мир во Сирија. Никој на сирискиот народ не може да му наметне мир, туку мора да биде мир по мерка на претставниците на тој народ. Ќе го следиме процесот и се надеваме на добри резултати“, изјави Куртулмуш.