Fuat Kabakçı
14 Мај 2017•Ажурирај: 15 Мај 2017
ПЕКИНГ (АА) - Претседателот на Кина и домаќин на меѓународниот самит, Форумот „Појас и пат за меѓународна соработка“, Си Ѓинпинг, најави дека Кина за проектите во рамките на иницијативата ќе донира 79 милијарди американски долари, јавува Anadolu Agency (AA).
На форумот во Пекинг учествуваат 1.500 делегати од 130 земји и 70 меѓународни организации, меѓу кои и претседатели и премиери од 29 земји, а во воведното излагање домаќинот на средбата, Си Ѓинпинг, рече дека станува збор за иницијатива во врска со „ Патот на свилата“, кој пред две илјади години ги поврзуваше континентите и на луѓето им овозможуваше соработка на сите полиња.
Изразувајќи задоволство од големиот одзив на официјалните лица, Си рече и дека проектот „Појас и пат за меѓународна соработка“, е во согласност со две важни иницијативи, рускиот предлог за воспоставување на „Економска евроазиска унија“ и турскиот предлог за изградба на „Средишен коридор“.
Истакнувајќи дека во проектот директно соработуваат скоро 60 земји, кинескиот претседател Си рече дека на линијата меѓу Кина и Европа, па и пошироко, ќе се градат инфраструктурни мрежи на копнениот, поморскиот, железничкиот и воздушниот сообраќај, како и изградба на гасоводи и пристаништа.
Кинескиот претседател исто така нагласи дека проектот ќе ги зајакне врските меѓу луѓето и цивилизациите, и дека во тој контекст, секоја година ќе бидат обезбедени стипендии за 10.000 студенти од земјите учеснички во иницијативата.
Се планира во текот на следните пет години да се отворат 50 заеднички научни лаборатории, а на присутните им се обрати и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш. Сите ја изразија својата целосна поддршка на иницијативата.
По обраќањата сите учесници направија заедничка фотографија од Форумот.
На маргините на меѓународната средба во Пекинг се одржаа голем број билатерални и мултилатерални средби, а целиот настан го следат над 4.500 акредитирани новинари.
Денес ќе се одржи и состанокот „Дијалог на највисоко ново“, а собирот ќе заврши утре, кога на распоред е „Состанокот на лидерите на тркалезната маса“.