Zehra Melek Çat
28 Октомври 2018•Ажурирај: 29 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Главниот државен обвинител на Саудиска Арабија, Сауд ал Моџаб, ќе допатува во Турција во рамките на истрагата за неодамнешното убиство на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуван извор соопшти дека Ал Моџаб во Истанбул ќе се состане со главниот турски обвинител Ирфан Фидан, и ќе го посети Конзулатот на Саудиска Арабија.
Џамал Кашоги, новинар и колумнист на „Вашингтон пост“ и соработник на весникот „Ал Ватан“, кој преставува главна платформа на саудиските реформисти, исчезна на 2 октомври, откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, а во истиот период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со одделни летови пристигнале, а потоа ја напуштиле Турција.
Истрагата за убиството на новинарот е во тек, а главна задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.
По повеќедневни тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија соопштија дека Кашоги наводно е убиен за време на расправија во Конзулатот.
Турската полиција продолжува да спроведува максимални мерки на безбедност околу комплексот на саудискиот Конзулат во Истанбул. Пред судискиот Конзулат продолжуваат да чекаат бројни новинарски екипи, кои го следат развојот на ситуацијата.