Ekipa
30 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
ИСТОЧНА ГУТА / АНКАРА (АА) - Рахаф Хава (8) од Источна Гута, област што под опсада ја држи режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, поради недостаток на храна и лекови тежи само десет килограми. Нејзината мајка Ум Бетул тоне во болка и безнадежност гледајќи го сопственото дете како умира.
Околу 400.000 цивили во Источна Гута, која веќе пет години е под опсада од страна на режимот на Асад и неговите приврзаници, се соочуваат со екстремна сиромаштија, глад и тешки услови за живот.
Режимските сили поради интензивираната опсада која трае неколку месеци, ја запреа испораката на лекови и храна по тајните патишта.
Според податоците на локалните институции, повеќе од илјада деца од Источна Гута се соочуваат со смрт поради недостатокот на храна и лекови.
Едно од нив девојчето е Рахаф (8), кое живее во Дума.
Нејзината мајка Ум Бетул за Anadolu Agency (AA) изјави дека Рахаф пред четири години ги изгубила својата баба, сестра и тетка. Истата година, нејзиниот татко бил убиен додека се обидувал да достави хуманитарна помош во Источна Гута.
Мајка ѝ рече дека девојчето се разболело пред две години и оти нејзината состојба оттогаш не се подобрила.
Таа додава дека нејзината ќерка се бори со болест што лекарите не можеле да ја дијагностицираат, бидејќи не било возможно да се направи анализа на крвта и магнетната резонанца.
Рахаф изгубила 25 килограми поради недостаток на лекови и храна, и сега е тешка само 10 килограми.
Болеста го довела девојчето во мошне тешка состојба, на прагот на смртта. Покрај тоа, Рахаф има проблеми и со дишењето поради недостатокот на терапија.
„Откако се интензивира опсадата, одев по лекари, но немаше специјалист кој би можел да каже за што се работи. Тие не знаеја што е со мојата ќерка. Подоцна бараа работи што ги нема во Источна Гута, анализа на крвта и магнетната резонанца. Во наредните денови, мојата ќерка речиси не можеше да оди, таа почна да паѓа“, рече самохраната мајка.
Таа додаде дека поради недостигот на храна, состојбата на девојчето дополнително се влошува.
Ум Бетул вели дека лекарите ги советувале дека им преостанува само да се молат.
„Свесна сум дека моето дете може да умре во секој момент“, вели таа немоќно, низ солзи, и додаде дека на девојчето му се потребни антиконвулзиви.
„За жал, ништо не можам да направам. Тука сум покрај неа, но беспомошна. Потребни ни се антиконвулзиви, но затоа што се скапи и ги нема, не можам да сторам ништо. Мојата прва ќерка умре, Рахаф умира секој ден“, вели Ум Бетул.
„Рахаф одеше во градинка, се смееше, сакаше да јаде. Ми недостига мојата стара Рахаф, која секогаш од мене бараше храна, Рахаф која ја чував во мојата прегратка. Не можам да направам ништо. Ми недостигаат моите ќерки. Не ѝ го посакувам на ниту една мајка ова што го проживувам“, вели Ум Бетул
Таа рече дека е многу уморна и ја губи силата.
„Не сакам покрај болеста да страда и од глад. Вчера не можев да најдам леб за да ѝ дадам. Најдов малку шеќер, го помешав со вода и ѝ го дадов“, рече таа.
На крајот, Ум Бетул вели дека нејзината желба е сите да видат во каква состојба се наоѓа нејзината ќерка и дека не очекува никаква помош, бидејќи сите ја напуштиле.