СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија ja започна 61-та седница на која на дневен ред е предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот, што се бара за спроведување на Договорот постигнат со Грција и како услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите за членство во ЕУ, јавува Anadolu Agency (АА).
Во дебатата што започна напладне и која максимално може да трае десет работни дена, парламентарните групи на владејачката коалиција бараат поддршка од пратениците за уставните измени, додека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се противи на тоа, сметајќи го штетно за македонскиот народ и за идентитетот.
Со цел да се одобри потребата за пристапување кон уставни измени, потребни се гласовите на две третини од вкупниот број пратеници во Собранието. Ако не се обезбеди поддршка од две третини за измените, премиерот Зоран Заев претходно најави нови парламентарни избори, што ќе бидат организирани наскоро.
- Премиерот Заев повика на помирување по 27 април и поддршка за уставните измени -
Во меѓувреме, пред почетокот на денешната дебата во Парламентот, пред пратениците премиерот Заев го образложи предлогот за измени, повикувајќи да се стави крај на политичката поделба, и на помирување по настаните од 27 април минатата година, кога за време на хаотичната состојба во Собранието, стотици демонстранти организирани од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ влегоа со сила во зградата, при што беа повредени околу 100 лица, пратеници, полицајци и вработени во медиумите.
„Еве можност да си простиме, да кажеме доста е, да покажеме дека учиме од грешките, и дека сме пред сè луѓе, браќа и сестри, роднини и пријатели во нашата мала заедничка Македонија. Ајде да почнеме од тој 27 април, 2017 година. Прва цел бев јас, а потоа и сите пратеници, пратениците од мнозинството, но и пратениците од опозицијата. Сите на еден начин беа можна цел на изманипулирани поединци, кои насилно тргнаа кон пратениците“, изјави премиерот Заев.
Тој пред пратениците рече дека треба да гледаат кон својата иднина и иднината на нивните деца, додавајќи дека волјата на граѓаните е државата да се движи кон рамноправно членство во НАТО и во ЕУ.
„Тежината на историската одлука и на одговорнота лежи врз плеќите на сите нас, но од денес најголемата одговорност е во вашите раце. Одлуката треба да биде резултат на изборот, а изборот не може да биде појасен и почист. Секој пратеник денес во рацете го има има клучот за тој избор, клучот за историската одлука. Тоа е вашиот глас, вашиот избор“, рече Заев.
Според него, другата алтернатива ќе ја носи земјата кон изолација, несигурност и сиромаштија, и ќе се врати, како што рече, „политичката траума која земјата ја доживеа во последните 27 години, особено во последниве години“.
Во петокот, по дводневна дебата во Парламентарната комисија за уставни прашања, беа одобрени заклучоците за пристапување кон уставни измени и Владата во рок од 15 дена треба да подготви нацрт-амандмани и му ги достави до Собранието. Поддршка за пристап до уставни измени дадоа пратениците во владејачкото мнозинство, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ гласаше против.
Предлогот за измени и дополнување на Уставот содржи неколку точки, вклучувајќи го и додатокот „Северна“ во сегашното име на Република Македонија, промени во преамбулата на Уставот, гаранција за територијалните граници на Македонија и грижа за македонските граѓани во дијаспората и пошироко.
Потсетуваме дека предлогот за уставни измени доаѓа по референдумот за прифаќање на Договорот со Грција и интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО, што се одржа на 30 септември. На овој референдум, одѕивот беше 36,91 отсто, од кои „за“ гласаа 91,46 отсто, а „против“ 5,65 отсто. За референдумот да биде успешен, според Законот, потребно е да учествуваат повеќе од 50 отсто од вкупниот број гласачи.
news_share_descriptionsubscription_contact
