политика

Министерот Димитров со изјава во врска со оставката на Коѕијас

„Од наша страна, ние ќе продолжиме со силна посветеност кон заокружување на ова историско решение, заедно со останатите прогресивни и демократски сили во Скопје и Атина“, вели министерот Димитров.

Admir Fazlagic  | 18.10.2018 - Обновена : 18.10.2018
Министерот Димитров со изјава во врска со оставката на Коѕијас (Foto: Arhiva/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, со писмена изјава се огласи во врска со оставката на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Предводени од премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, со министерот за надворешни работи, Коѕијас, имавме интензивни месеци на комуникација, станавме вистински пријатели и во период од една година успеавме да направиме нешто што во претходните 27 години се сметаше за невозможно - ги приближивме нашите две земји и го склучивме историскиот Договор од Преспа, градејќи мост на пријателство и докажувајќи дека и нашиот регион може да решава спорови и да создава иднина. Никос, од срце ти посакувам добро здравје и успех во сите идни предизвици“, се вели во изјавата на Димитров, и се додава:

„Од наша страна, ние ќе продолжиме со силна посветеност кон заокружување на ова историско решение, заедно со останатите прогресивни и демократски сили во Скопје и Атина.“

Грчкиот министер за надворешни работи, Коѕијас, вчера поднесе оставка, а во пораката објавена на неговиот профил на социјалните мрежи, истакнува дека бил принуден да ги раздвои патиштата со Владата.

„На вчерашниот состанок, премиерот и голем број министри го направија нивниот избор. Потоа и јас го направив мојот избор“, напиша Коѕијас.

- По оставката на Коѕијас, Ципрас ќе го води и грчкото Министерство за надворешни работи

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, вчера, по оставката на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, соопшти дека тој ќе ја преземе и функцијата министер за надворешни работи.

Ципрас даде изјава за медиумите пред Кабинетот на премиерот, откако ја прифати оставката на Коѕијас, упатувајќи благодарност до него за извршената должност во Министерството за надворешни работи. „Со жалење ја прифатив оваа оставка“, рече тој.

Ципрас се осврна и на Договорот од Преспа постигнат со Македонија за прашањето за името. „Донесов одлука да ја преземам функцијата министер за надворешни работи. Ова ја покажува мојата одлучност околу тоа дека ќе направам сѐ што можам за да овозможам успешно реализирање на историскиот Договор од Преспа кој ја зајакнува меѓународната улога на земјата“, додаде Ципрас.

Грчкиот премиер упати порака дека со парламентарните средби кои се во тек, во врска со прифаќањето на Договорот со Македонија, треба да се продолжи храбро и одлучно.

Потсетувме, владите на Република Македонија и Република Грција, во јуни оваа година, во Преспа го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, Република Македонија треба да го смени своето име во Република Северна Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.