Ekipa
27 Април 2018•Ажурирај: 27 Април 2018
СЕУЛ (АА) - Јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин го поздрави севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун денес кога се состанаа на третиот самит на двете Кореи, кој се случува за прв по 2007 година, пренесува Anadolu Agency (AA).

Мун и Ким се ракуваа во прекуграничното заедничко безбедносно подрачје Панмунџом, а потоа лидерот од јужниот дел на Полуостровот го прифати неочекуваниот повик накратко да премине на северната страна.
Потоа лидерите заедно се упатија кон јужнокорејско тло на разговори коишто пред вечерните часови би требало да имаат две сесии.

Од Претседателскиот кабинет во Сеул јасно се даде до знаење дека успешниот самит би можел да значи преземање конкретни чекори кон денуклеаризација на Северна Кореја.
Од друга страна, Ким веќе најави „замзрзнување“ на нуклеарните и ракетни тестирања, а САД очекуваат дека севернокорејскиот лидер ќе отиде и чекор понатаму, доколку сака да бидат симнати глобалните санкции за неговата земја.

„Ќе имам добри разговори со претседателот Мун со непосреден, искрен и чесен став, и ќе добијам добар исход“, рече Ким за време на директниот ТВ-пренос на почетокот од состанокот.
Од своја страна, Мун ја славеше промената на Панмунџом од симбол на поделба во симбол на мир. Границата е цврсто чувана до крајот на Корејската војна која траеше од 1950 до 1953 година. Завршена е со прекин на огнот, а не со мировен договор.

Со оглед на тоа дека самитот на двата лидери започна, од Белата куќа искажаа оптимизам дека разговорите ќе донесат напредок кон досега недостижниот мир на Корејскиот Полуостров.
„САД ја ценат блиската координација со нашиот сојузник Република Кореја и очекуваат продолжение на силните разговори во подготовка на планираниот состанок меѓу Доналд Трамп и Ким Џонг Ун во наредните недели“, изјави Сара Сандерс, портпаролката на Белата куќа.