Ayşe Doğru
05 Јануари 2022•Ажурирај: 06 Јануари 2022
САКРАМЕНТО
Пожарите во кои изгоре површина од околу 1 милион хектари на северот на Калифорнија, САД, минатото лето, настанале како резултат на искри од далноводот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Истрагата на истражителите на Одделот за шумарство и заштита од пожар во Калифорнија откри дека искрата што го предизвика пожарот на 13 јули била предизвикана кога дрво паднало во далноводите за дистрибуција на електрична енергија во регионот на Сиера Невада.
Извештајот од истрагата е испратен до канцеларијата на окружниот обвинител на округот Бат.
Обвинителството ќе одлучи дали ќе покрене кривична истрага против компанијата „Пацифик гас енд електрик“ (PG & E), на која ѝ припаѓаат далноводите.
Во соопштението на компанијата во врска со резултатите од истрагата се наведува дека без оглед на наодите, компанијата ќе продолжи со напорите за спречување пожари кои би можеле да бидат предизвикани од опремата на компанијата.
Компанијата претходно соопшти дека можеби далноводите се причина за избувнувањето на пожарите, кои беа интензивни во пет града во државата и во кои изгореа повеќе од 1.300 куќи.
Далноводите во сопственост на компанијата се посочени како причина за предизвикување и на други пожари во државата.
Исто така, беше откриено дека опремата на „Пацифик гас енд електрик“ го предизвикала пожарот наречен Камп, кој избувна на 8 ноември 2018 година во градот Парадајс на северот на државата, и е евидентиран како најголем пожар во државата.
Во тужбата поднесена по пожарот во кој беа уништени приближно 14.000 куќи, повеќе од 500 работни места и близу 4.300 згради, а животот го загубија 85 лица, компанијата „Пацифик гас енд електрик“ прифати дека е виновна за убиства од небрежност.
Компанијата беше обвинета за убиства од небрежност со образложение дека нејзината опрема го предизвикала и пожарот Зог, во кој загинаа 4 лица, а уништени се 200 дома во септември 2020 година.