Bekim Laci
27 Јули 2018•Ажурирај: 29 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, ја пречека неговата романска колешка, Виорика Данчила, која престојува во официјална посета на Македонија, а двајцата лидери по средбата изјавија дека успешен референдум ќе го отвори европскиот пат за Македонија, јавува Anadolu Agency (АА).
Премиерот Заев на заедничката прес-конференција со премиерката Данчила истакна дека Романија е земја пријател и поддржувач на евроатлантските аспирации на Македонија. Тој додаде дека по добивањето на поканата за членство во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија (ЕУ), оваа помош претставува дело во корист на граѓаните, бидејќи овозможува економски раст и отвора перспективи за повисок стандард.
Премиерот Заев рече дека на патот кон евроатлантските интеграции, неговата земја очекува да биде оценета врз основа на постигнувањата за да го заземе своето заслужено место во НАТО и во ЕУ, додека денешната средба ја оцени како важна поради фактот дека во јануари 2019 година, токму Романија ќе го преземе претседавањето со ЕУ, и ќе ја предводи за време на клучните месеци за патот на Македонија кон интеграцијата.
„Тоа се месеците кога треба да ги завршиме внатрешните реформи и да го заокружиме договорот со нашиот јужен сосед, Република Грција. Активно работиме на реформите во правосудството, а очекувам и успешен референдум и уште една зрела, мудра, прогресивна одлука на големото мнозинство нашите граѓани, којашто ќе го потврди патот за нашето членство во НАТО и во ЕУ”, рече Заев, кој додаде дека на билатерален план, Македонија и Романија имаат многу да понудат.
Од друга страна, премиерката Данчила пак, изрази очекување за успешен референдум, бидејќи, како што рече, успешниот референдум во септември ќе го отвори европскиот пат на Македонија.
Данчила истакна дека нејзината посета на Скопје неколку месеци пред преземањето на претседавањето со ЕУ претставува израз на нивната волја и поддршка за евроатлантската интеграција на Македонија.
„Како што знаеме, следниот извештај за Македонија ќе биде објавен кон крајот на јуни следната година. Се надевам дека ќе има консензус во Советот на ЕУ, а до крајот на 2019 со одржувањето на конференцијата ќе ги отворите точките од претпристапните преговори за членство во ЕУ. Романија ќе се обиде да ви помогне во технички поглед", рече романската премиерка, која ѝ посака на земјата успешен референдум.
Владина делегација на Романија, предводена од премиерката Данчила, беше пречекана со свечена церемонија на платото пред Владата на Република Македонија, а по тет-а-тет средбата помеѓу премиерите на двете земји следуваше билатерална средба помеѓу двете владини делегации.
Неколку дена претходно, премиерот Заев изрази надеж дека до 30 јули Собранието ќе донесе одлука за распишување референдум за Договорот постигнат меѓу Македонија и Грција, според кој официјалното име на земјата ќе биде Република Северна Македонија. Одржувањето на референдумот тој го најави за 30 септември оваа година.