Bekim Laci
26 Јули 2018•Ажурирај: 27 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и амбасадорот на Норвешка во Скопје, Арне Санес Бјорнстад, потпишаа меморандум за разбирање, кој има за цел соработка за реализирање на реформските проекти на Македонија потребни на патот кон Европската Унија (ЕУ), при што земјата има на располагање меѓу три и пет милиони евра, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот Османи, во изјава за медиумите, истакна дека овој меморандум претставува продолжение на соработката меѓу Министерството за надворешни работи на Норвешка и Секретаријатот за европски прашања, и дека доаѓа во еден важен момент кога Македонија е во пресрет на скрининг-процесот.
„Ние треба да продолжиме да даваме резултати што се однесува до приоритетните реформи во три главни столба, судството, јавната админстрација и разузнавачките служби, но нè очекува и имплементација на Договорот од Преспа (со Грција), и сето ова ги оптоварува институциите во паралелно реализирање на сите процеси во краток временски рок“, рече Османи, кој очекува оваа помош на Норвешка да биде добредојдена.
Амбасадорот на Норвешка во Скопје, Бјорнстад, упати честитки за добиената покана за членство во НАТО, со надеж дека помошта понудена од страна на Норвешка ќе придонесе за социоекономскиот аспект, бидејќи како што рече тој, луѓето пред сè имаат потреба за елементарни нешта како што е храната, што многу зависи од политичката стабилност на земјата.
„Ние можеме да понудиме една мала помош, сепак главниот товар го има Македонија, а ние сме среќни што можеме да ви помогнеме за да ги реализирате вашите цели“, додаде тој.