Besar Ademi
30 Јули 2018•Ажурирај: 31 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Македонската опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да гласа за одлуката за распишување референдум за името, која се очекува да помине на парламентарна седница, за Договорот меѓу Македонија и Грција, со кој официјалното име на земјата ќе се промени во Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (АА).
Неофицијално, пратениците од парламентарното мнозинство се очекува со своите потписи да иницираат донесување одлука за распишување референдум за името, како што е предвидено со Законот за референдум.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, пред Собранието на Македонија изјави дека неговата партија ќе учествува на седницата за донесување одлука за распишување на референдумот, но ќе бара парламентарното мнозинство да се откаже од нивниот став кон референдумот.
„Свесни дека договорот е штетен, тие се обидуваат со сила, без прифаќање на аргументите на опозицијата, да протуркаат прашање кое е повеќезначно. ВМРО-ДПМНЕ во тој процес не ја прифати улогата да биде алиби на власта и само за декор. Референдумското прашање треба да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот да може да одговори со ’за‘ или ’против‘“, изјави Јанушев.
Прашањето кое во моментов се најавува, според него, може да доведе до конфузија кај луѓето, бидејќи, како што рече, поддршката на интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ не се однесува на поддршката на Договорот со соседната земја.
За можен бојкот на референдумот, тој рече дека ќе одлучат највисоките партиски органи и дека јавноста ќе биде известена.
„СДСМ сака да протне договор во капитулација. Бараме парламентарното мнозинство да се откаже од ваквото насилничко однесување. Заев и СДСМ ја имаат целокупната одговорност за антидржавниот и капитулантски договор со Грција“, рече Јанушев.
Претходно, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, кој учествуваше на активност во Куманово, одговарајќи на прашањата на новинарите, најави дека 30 септември е датумот наведен за одржување на референдумот, а прашањето на референдумот, рече тој, ќе биде „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со поддршка на Договорот меѓу Македонија и Грција?“
Денешниот ден во Собранието започна со свечените изјави на членовите на Државната изборна комисија (ДИК), со што официјално се создадоа услови за да ги преземат нивните обврски и да почнат со организирање на референдумот.