Barış Gündoğan
17 Ноември 2016•Ажурирај: 18 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Како гостин на денешниот уреднички колегиум на Anadolu Agency (AA), министерот за шумарство и водостопанство на Република Турција, Вејсел Ероглу, ја коментираше актуелната состојба во Турција и истакна дека токму АА е најдоверлив и најбрз извор на вести во Турција и пошироко, јавува Anadolu Agency (AA).
Ероглу потсети дека владејачката Партија за правда и развој (AK Партија) го предала предлогот за нацрт-реформите на Уставот на Турција, на разгледување во Партијата за национално движење (МХП). Тој исто така изјави дека челникот на таа партија, Девлет Бахчели, веќе открил дека во предлогот се споменува претседателскиот систем и дека сите политички партии во Турција ветиле оти ќе работат на уставната реформа.
Министерот за шумарство и водостопанство нагласи дека уставната реформа е неопходна за да продолжи развојот на Турција, но и дека тоа е клучно барање на народот на таа земја. Ероглу истакна дека веќе е изгубено многу време и дека тој процес треба да се интензивира.
„Коалициските влади во минатото многу ја изненадија Турција. Гледате дека многу земји во светот преминале на тој вид на претседателски и полупретседателски систем. Во Италија е донесена дури и забрана за формирање на коалициски влади. На крајот, целиот свет ја сфати важноста на стабилната власт. Турција се наоѓа на стратешка позиција и нема повеќе да дозволува таков вид на блокада на системот“,изјави Ероглу.
Министерот Ероглу истакна дека на Турција ѝ е потребен силен и стабилен систем на управување бидејќи постојат држави коишто сакаат да го спречат растот и напредокот на Турција, како и дека за тоа е неопходен претседателски систем.
„Секако, за тоа мора да се организира референдум, а за распишување на референдумот, потребни се 330 гласови во Парламентот. Ние моментално ги немаме тие 330 гласови, но со договорот со МХП би можеле да дојдеме до распишување на референдумот. Ние се движиме во таа насока“, изјави Ероглу.
Министерот Ероглу изјави дека во тек се преговорите на политичките партии и дека референдумот за уставна реформа би можел најверојатно да биде распишан напролет, наредната година.
„Во новата политичка структура нема да има премиер. Воглавно, во претседателски систем како американскиот, имаме претседател, а кај нас може да има повеќе потпретседателски позиции. Министрите ќе доаѓаат однадвор. Парламентот, односно неговите претставници ќе ги подготвуваат законите. Тоа ќе биде систем со одвоени законодавни и извршни механизми. Се размислува за таков систем“, изјави турскиот министер за шумарство и водостопанство, Ероглу.
На прашањето да даде коментар на кој начин ќе се избираат клучните функции во новиот систем, Ероглу изјави дека најверојатно претседателот ќе биде избран од политичките партии, и дека заради тоа не се предвидени предвремени избори, туку дека тоа ќе се одржи во редовна процедура во 2019 година.
„Мислам дека е логично да се поддржи идејата за мандатот на пет години. Изборите во 2019 година би можеле да бидат организирани за избор на локални, парламентарни и претседателски функции. Изборните процеси во сите земји донесуваат застои во голем број процеси и мислам дека изборите на секои пет години би биле добро решение“, изјави Ероглу.