Nilay Kar
01 Септември 2017•Ажурирај: 02 Септември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - „Човештвото е бесчуствително кон тековното насилство врз Рохинџа муслиманите во мјанмарската област Ракајн", изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за медиумите во Истанбул, на првиот ден од големиот муслимански празник Курбан бајрам, Ердоган нагласи дека Рохинџа муслиманите се убивани, нивните села запалени и 20.000 луѓе, притиснати од насилствата, заминуваат во Бангладеш оставајќи ги своите домови зад себе.
„Сето ова се случува пред очите на човештвото, но за жал, тоа е безчуствително кон нив“, изјави претседателот Ердоган при што истакна:
„Јас, како ротирачки претседател на Организацијата за исламската соработка, ги одржав неопходните разговори со лидерите на исламските земји, како и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш“.
Тој изјави дека муслиманкиот свет е тажен додека го одбележува најголемиот муслимански празник поради насилството во Мјанмар, конфликтите во Сирија и во Ирак, и борбата против тероризмот во Турција.
Насилството во мјанмарската држава Ракајн избувна на 25. август, кога безбедносните сили на земјата започнаа операција против заедницата на муслиманите Рохинџа.Тоа предизвика нов прилив на бегалци кон соседен Бангладеш, иако земјата ја затвори својата граница за бегалците.
Според извештаите во медиумите, безбедносните сили на Мјанмар користат диспропорционална сила, раселувајќи илјадници селани Рохинџа и уништувајќи ги нивните домови со минофрлачи и митралези.
Регионот е сведок на тензии меѓу будистичкото и муслиманското население во Мјанмар откако избувна општо насилство во 2012 година.
Во акцијата за потиснување, која започна во октомври минатата година во Мунгдау, каде што Рохинџите се мнозинство, ОН известуваше за случаи на кршење на човековите права од страна на безбедносните сили, кои укажуваат на злосторства против човештвото.
ОН документираа масовни групни силувања, убиства – вклучувајќи и бебињата и мали деца – брутални претепувања и исчезнати лица. Претставниците на Рохинџа рекоа дека околу 400 лица се убиени за време на операцијата.
Како одговор на прашањето во врска со неодамнешиот потег на САД, кога беа подигнати обвиненија против обезбедувањето на Ердоган, тој рече: „Ова е комплетен скандал. Ова е јасен, скандалозен знак за тоа како функционира правдата во Америка“.
Одделот за правда во САД издаде нови обвиненија против обезбедувањето на Ердоган поради напаѓање на демонстрантите во Вашингтон, за време на посетата на Ердоган во мај оваа година.
Петнаесет од деветнаесет лица идентификувани како телохранители на Ердоган беа обвинети поради нивната улога во насилството што се случи на 16 мај.
Турскиот претседател изјави дека доколку постои можност, во неговата следна посета ќе се состане со американскиот претседател Доналд Трамп за да дискутираат во врска со ова прашање.
„Министерствата за надворешни работи и правда на Турција продолжуваат да одржуваат разговори во врска со ова прашање“, изјави претседателот, додавајќи: „Овој развој на настаните во Америка не е добар“.