Dilaver Can
01 Септември 2017•Ажурирај: 02 Септември 2017
НЕВШЕХИР (АА) - Во согласност со работите на Канцеларијата за изградба на станбени објекти (TOKI) во местото Ѓулшехир, недалеку од централниот турски град Невшехир, пронајдени се фосили за коишто се претпоставува дека се стари дури девет милиони години, јавува Anadolu Agency (AA).
Во текот на ископувањето за изградба на објект на ТОКИ во Ѓулшехир, забележани се животински фосили. На нивното ископување моментално работат експерти од Одделот за археологија при Универзитетот „Гази“ во Анкара и од Универзитетот од градот Ван.
Во рамките на досегашното истражување на оваа локација, пронајдени се фосили стари околу девет милиони години, меѓу кои фосили од животни како свиња, коњ, вол, носорог, слон и од други животни.
Водачот на ископувањето, проф. д-р Џесур Пехливан, за АА изјави дека се работи за мошне значајно наоѓалиште на фосили, и оти нивната цел е да го утврдат животинскиот свет што опстојувал во источниот дел од регионот на Средоземното Море.
„Фосилите ги вадиме врз основа на палеонтолошки техники, а потоа ги испитуваме во лабораторија. Ова е прво истражување што системски го работиме на ова ниво. Според претпоставките, на овој проект би требало да се работи околу 10 години и тој значително ќе придонесе во разоткривањето на животинскиот свет на овој локалитет, но и во поширокото подрачје“, изјави Пехливан.
Оксан Башоглу, археолог од Универзитетот „Гази“, истакна дека претпоставуваат оти се работи за фосили стари меѓу седум и девет и пол милиони години.
„Се работи за мошне значајно наоѓалиште. Веруваме дека ќе дојдеме до многу важни податоци“, изјави Башоглу.