Sibel Uğurlu
09 Јули 2018•Ажурирај: 10 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во своето обраќање пред Претседателската палата во Анкара по повод инаугурацијата за претседател, изрази надеж дека неговото преземање на мандатот во рамките на новиот претседателски систем ќе биде од корист не само за Турција, туку и за целото човештво, јавува Anadolu Agency (AA).
„Боже, нека чесното патување во кое денес се впуштивме биде од корист за Турција, за нашиот народ и човештвото', рече Ердоган, додавајќи дека е свесен дека е претседател не е само на своите поддржувачи, туку на 81 милиони граѓани на Турција.
„Ќе се обидеме да бидеме корисни за нашата земја, свесни дека не сум претседател само на нашите поддржувачи, туку на 81 милиони граѓани“, рече Ердоган, додавајќи дека Турција ќе продолжи со растот и напредокот.
„Ќе ја зајакнеме Турција во сите области, вклучувајќи ја и одбранбената индустрија и безбедноста на границите. Турција во наредниот период напредува во сите области, вклучувајќи ја и демократијата, основните права и слободи, економијата и големите инвестиции. Константно ќе го развиваме и ќе го унапредуваме новиот систем на управување“, рече Ердоган, истакнувајќи дека ова е нов почеток.
Тој додаде дека Турција зад себе остава систем кој ја „чинел“ земјата во политичка, социјална и економска смисла, нагласувајќи дека Турција со единство ги пребродила сите пречки и сите замки кои застанаа на патот на напредокот.
„Како народ бевме едно, бевме силни и големи, бевме браќа. Сите заедно бевме Турција и на тој начин ги надминавме сите пречки и ги расипавме сите замки“, рече Ердоган.
Тој истакна дека Турција првпат во историјата, на критична пресвртница, донесе одука со слободната волја на граѓаните, а не со одредени притисоци.
„Турција првпат во историјата, во критична пресвртница, донесе одлука со слободната волја на граѓаните, а не со воен удар или слични притисоци", рече турскиот претседател.
Тој изрази надеж дека периодот кога луѓето во Турција поради која било причина беа маргинализирани, засекогаш ќе остане во минатото.
„Се надевам дека во оваа земја, периодот кога луѓето од која било причина беа маргинализирани и изложени на неправда, засекогаш ќе остане во минато“, рече Ердоган.
Тој истакна дека луѓето во Турција се најголемото богатство на оваа земја.
„Наше најголемо богатство се нашите луѓе. Ќе ги преземеме сите неопходни чекори да го едуцираме, поттикнеме и да го искористиме нашиот човечки капитал, кој со напорна работа и продуктивност го восхитува секого“, рече турскиот претседател, истакнувајќи дека во наредниот период посебно внимание ќе се посвети на развојот на држава на благосостојбата.
„Во новата ера, додатно ќе го зајакнеме квалитетот на државата на благосостојбата. Ќе се погрижиме сите наши граѓани да имаат корист од сите форми на права и слободи, од сите богатства кои ги поседува нашата земја“, рече Ердоган.
Да потсетиме, Ердоган денеска положи свечена заклетва за мандатот на прв претседател на Турција во претседателскиот систем на управување. Со свечената седница на Големото народно собрание на Република Турција претседаваше привремениот претседател Дурмуш Јилмаз. Тој на Ердоган му го врачи сертификатот на Врховната изборна комисија за потврда на победата на Ердоган на претседателските избори одржани на 24 јуни. Турција така и официјално премина од парламентарен во претседателски систем за управување.
На церемонијата во Претседателската палата присуствуваа голем број гости, претседатели, премиери и други високи претставници на многу земји, вклучувајќи ги и земјите од регионот.