Ekipa
09 Јули 2018•Ажурирај: 09 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес положи свечена заклетва за мандат на прв претседател на Турција во претседателскиот систем на управување, јавува Anadolu Agency (AA).
Со свечената седница во Големото народно собрание на Република Турција претседаваше привремениот претседател, Дурмуш Јилмаз.
Тој на Ердоган му врачи сертификат од Врховната изборна комисија за потврда на неговата победа на претседателските избори одржани на 24 јуни.
Ердоган потоа на говорницата во Парламентот свечено положи заклетва и го започна новиот мандат како претседател на државата.
Турција така официјално премина од парламентарен во претседателски систем на управување.
По полагањето заклетва во Парламентот, Ердоган ќе положи венец во Аниткабир, мавзолејот на основачот и првиот претседател на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, а потоа во Претседателската палата ќе започне и свеченоста на која ќе присуствуваат голем број официјални лица, претседатели, премиери и други високи официјални претставници на голем број земји, вклучувајќи ги и земјите од регионот.
Ердоган прв пат на функцијата претседател беше избран на изборите во 2014 година и е прв директно избран претседател на Турција.
Со новата победа на јунските избори, стана и прв претседател на Турција со широки овластувања кои му ги дава претседателскиот систем на управување на земјата.