Satuk Buğra Kutlugün,Diyar Güldoğan
25 Септември 2018•Ажурирај: 26 Септември 2018
ЊУЈОРК (AA) - Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган во обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) истакна дека ОН не ги исполниле очекувањата на човештвото во врска со мирот во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
„ОН остварија 'неспорни успеси' во претходните 73 години, но оваа организација сепак не ги исполни очекувањата на човештвото во врска со мирот и благосостојбата", рече Ердоган пред присутните на 73. заседавање на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Предупреди и дека Советот за безбедност на ОН во голема мерка работи во интерес на пет земји кои имаат право на вето. „Советот за безбедност на ОН служи на интересите на пет членки кои имаат право на вето и немо ги следи ѕверствата кои се случуваат во светот", рече турскиот претседател, додавајќи дека светот е поголем од постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН).
„Верувам дека сме заеднички глас на совеста на човештвото кога ова го велам", рече Ердоган и повика на реформа на органите на Обединетите нации (ОН) оценувајќи го таквиот чекор како неопходен.
Турскиот претседател истакна дека со преземените иницијативи, неговата земја спречила напади на Асадовиот режим врз Идлиб.
„Турција, со договорот потпишан со Русија во Сочи, спречи крвави напади на Асадовиот режим на подрачјето на деескалација на судирите во Идлиб", рече Ердоган, повикувајќи ги сите страни да поддржат праведно и одржливо политичко решение за Сирија.
Напомена и дека оние кои немо ги следат нападите врз Палестинците, само ги охрабруваат напаѓачите.
„Оние кои молчат на ѕверствата кон Палестинците и се обидуваат да им ја намалат моќта, со тоа само ги храбрат злосторниците", рече Ердоган.
Предупреди на длабока несразмерност помеѓу богатите и сиромашните во светот.
„Доколку денес капиталот што го поседуваат 62 најбогати луѓе во светот е еднаков на капиталот на половината од светското население, значи дека тука има некаков проблем“, рече Ердоган.
Нагласи дека земјите мора да соработуваат за да ја спречат штетата која се заканува на светската трговија.
„Мораме да работиме сите заедно за да го спречиме уништувањето на светскиот трговски поредок со еднострани одлуки“, рече Ердоган.
Турскиот претседател предложи што е можно поскоро формирање Младинска организација на Обединетите нации со седиште во Истанбул.
На крајот ги повика земјите од светот на борба против терористичката организација ФЕТО.
„Само во 27 сојузни американски држави, ФЕТО годишно од буџетот зема 763 милиони долари", истакна турскиот претседател.
Тема на овогодинешното заседавање на Генералното собрание е ОН да се направат релевантни за сите луѓе: глобално лидерство и заедничка одговорност за мирно, праведо и одржливо општество.