Enes Duran
10 Октомври 2017•Ажурирај: 10 Октомври 2017
БЕЛГРАД (AA) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека запирањето на издавањето визи меѓу Турција и САД не е дело на Турција, туку на САД, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот со српскиот претседател Алексадар Вучиќ во Белград, Ердоган на заедничката конференција за медиумите и на новинарско прашање го коментираше запирањето на издавањето визи од страна на американските претставништва во Турција, на што Турција одговори со иста мера.
„Првенствено, сакам да истакнам дека Турција не го започна тој проблем, туку САД. Особено е интересен фактот што функционерите на САД немале никаков состанок со нашиот министер за надворешни работи за тоа прашање. На размислување наведува и тоа што американскиот амбасадор во Анкара излезе и рече дека ја донел таквата одлука и дека истата донел во името на својата држава“, рече Ердоган.
Потегот на американската амбасада следуваше по приведувањето на еден службеник на американскиот конзулат кој се обвинува за врски со терористичката мрежа на ФЕТО и за помагање на пребеганите во текот на минатогодишниот обид за државен удар во Турција.
„Прашањето е како двајцата агенти успеале да влезат и да се сокријат во американскиот конзулат во Истанбул. Ако сами не се сокриле, кој тогаш ги однел? На тие прашања мора да се одговори. Државите не можат да дозволат дејствување на такви шпиуни кои се закана одвнатре“, рече Ердоган.
Ердоган, исто така, најави дека ниту тој, ниту министрите и челникот на турскиот Парламент, нема да го примат американскиот амбасадор Џон Бас на проштална посета по повод завршувањето на неговото водење на американската дипломатска мисија во Анкара.
„Не го примивме и нема да го примиме бидејќи не го сметаме за претставник на САД во Турција. Тоа сакам јасно да го порачам“, рече Ердоган.
Укажувајќи на тоа дека не е јасно дали одлуката за запирањето на издавањето визи самостојно ја донел амбсадорот Бас, Ердоган рече дека највисоките инстанци на американските власти треба да преиспитаат кој и зошто стои зад тоа, и да го разјаснат тој случај.
„Некој од моите амбасадори да направи нешто слично, ниту еден час не би се задржал на тоа место“, заклучи Ердоган.