Emin Avundukluoğlu
10 Октомври 2017•Ажурирај: 11 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека со прекинот на издавањето визи за турските граѓани, САД грубо ги прекршија основните принципи на сојузништвото и на заедничкото дејствување, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот премиер во говорот пред пратениците на владејачката Партија на правдата и развојот (АК) во турскиот Парламент, истакна дека официјален Вашингтон со прекинот на издавањето визи во дипломатските претставништва во Турција, направи чекор кој не е во согласност со сојузништвото на двете земји.
Истакнувајќи дека сите проблеми треба да се решаваат со дијалог, Јилдирим рече дека и издавањето визи треба да се реши колку што е можно побрзо.
Американските власти во саботата соопштија дека ќе прекинат со издавањето визи во дипломатско-конзуларните претставништва во Турција и оти ова е мерка за преиспитување на односите на Турција кон прашањата на безбедноста на дипломатско-конзуларните претставништва и персоналот. Турција одговори со иста мерка и го укина издавањето визи за дипломатските преставништва во САД.
Потезите следуваа откако во Истанбул беше уапсен Метин Toпуз, локален работник во Конзулатот на САД, кој се товари за врски со терористи на ФЕТО.
Премиерот на Турција, Јилдирим, денеска изјави дека загриженоста за безбедноста не е вистинската причина за потегот на САД, бидејќи Турција како правна држава процесуира вработени на американската дипломатска мисија, под сомневање за врски со терористичката организација ФЕТО.
„Никој не е над законот во Турција, па дури и оние што работат во американската дипломатска мисија“, рече Јилдирим.
Јилдирим, исто така, ја запраша американската администрација зошто сѐ уште го храни и го штити челникот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен.