Ömer Aydın
05 Јануари 2018•Ажурирај: 05 Јануари 2018
ПАРИЗ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во пресрет на посетата на Франција во интервју за француските телевизиски куќи TF1 и LCI изјави дека односите меѓу Анкара и Париз како и меѓу Турција и ЕУ влегле во нова фаза, напоменувајќи дека има голема надеж во претседателот на Франција, Емануел Макрон, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Влеговме во нова фаза на односи со господинот Макрон. Со него направивме добар почеток. Чекорите кои ги презедовме во односите со него, во контекст на регионални прашања како и билатерални односи, се одвиваат во добра насока. Имаме и трилатерална соработка, Франција, Италија и Турција, особено во областа наменска индустрија. Мислам дека ова е важно и во поглед на солидаризирање на овие три земји“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека престојната посета на Франција значително ќе придонесе во развојот на односите на двете земји.
„Франција и Турција ќе преземат многу важни чекори во политичка, стратешка и економска смисла“, изјави турскиот претседател.
Тој истакна дека за време на средбата со Макрон ќе зборуваат и за прашањето за безбедност, напоменувајќи дека Турција и понатаму ќе вложува големи напори во спречување на заминувањето на странските борци во Сирија.
„Никогаш нема да дозволиме такви премини. По стапувањето во контакт со разузнавачките служби на некои земји, тие луѓе ги враќавме назад. Речиси 5.600 странски борци фативме и депортиравме. Освен тоа, за 54.000 воведовме забрана на влез во Турција“, изјави турскиот претседател.
Ердоган потсети дека Франција и Турција бараат заминување на сирискиот претседтаел Башар ал Асад од власта, со цел воспоставување на мир во земјата.
„Многу е важно Турција и Франција да делат исто мислење во врска со ова прашање. Тука зборуваме за претседател кој предизвика смрт на речиси милион свои жители. Ова за лидерите како нас, кои се бориме за мир и човештво, претставува неприфатлива ситуација. Ние со него се состанувавме пред 15 години. Тогаш му реков да преземе потребни чекори на патот кон демократијата. Тогаш предлагав демократска транзиција во Сирија, но не можев да го убедам. Сега на сите им е јасно во каква позиција дојдовме“, изјави Ердоган, додавајќи дека Сирија денес е речиси поделена земја.
На крајот Ердоган зборуваше и за односите со Вашингтон, додавајќи дека САД на некои терористички организации во Сирија им праќаат оружје.
„САД е наш стратешки партнер, но тие во Сирија се со ПКК, ПЈД и ЈПГ. Тие имаат поддршка од САД. САД на овие терористички организации им прати речиси три илјади шлепери оружје, оклопни возила и тенкови. Сето тоа му го кажав на Трамп. Но за жал, не дојдовме до некој резултат. Американските војници дури и денес можат да се видат покрај терористите. Заедно се фотографираат. Знамето на САД виори покрај знамето на терористичките организации. Сите овие работи за нас се неприфатливи“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател утре ќе престојува во официјална посета на Франција.