Merve Yıldızalp
03 Април 2017•Ажурирај: 04 Април 2017
ТРАБЗОН (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во денешниот говор пред илјадници граѓани во Трабзон, во североисточниот крај на земјата, изјави дека нема да дозволи неколкумина европски фашисти да ја навредуваат гордоста и честа на неговата земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние никогаш нема да дозволиме неколкумина фашисти од Европа да ни ја навредуваат честа и гордоста на оваа земја“, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Претседателот на Турција потсети дека е очигледно дека некои европски земји стојат зад пучистите кои учествуваа во обидот за државен удар на 15 јули минатата година во Турција, а зад него стои терористичката организација ФЕТО.
„Гледаме дека и европските земји стојат зад овие предавници. Колку и да се обидуваат, нема да ги сочуваат и да ги спасат предавниците. Ние речиси ги најдовме и ги фативме сите. Како што ја решаваме ситуацијата со ПКК, ќе успееме и во ова. Ќе ги најдеме и оние кои сѐ уште се обидуваат да се скријат во државните структури, доколку сѐ уште ги има“, рече Ердоган.
Зборувајќи за обидот за државен удар на 15 јули минатата година, во кој терористите на ФЕТО убија 249, а повредија 2.193 луѓе, Ердоган рече дека такво предавство може да направат само оние кои умот и честа си ги продале на шарлатанот од Пенсилванија, за долар.
„Такво предавство може да направат само оние кои својот ум, честа и верата му ги продале на шарлатанот од Пенсилванија, за долар. Сега бесрамно ги негираат убиствата што ги извршија. Ќе платат сметка за 249 загинати херои и 2.193 повредени“, рече Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека ќе го поддржи воведувањето смртна казна во Турција, доколку таквата одлука помине во собраниска процедура.
Ердоган рече дека на Турција не ѝ е многу важна реакцијата на Европската Унија во врска со можното воведување на смртната казна, бидејќи турските власти ќе ја почитуваат волјата на народот.
Ердоган ја повика јавноста да ги поддржи уставните измени на референдумот што ќе се одржи на 16 април оваа година.