İlkay Güder
27 Април 2018•Ажурирај: 28 Април 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека 24 јуни ќе биде почетокот на една нова ера на Турција, и дека новата ера ќе има поефикасна извршна власт, поавторитативно законодавство и понезависно правосудство, јавува Аnadolu Agency (AA).
Ердоган денес во Анкара имаше свое обраќање на состанокот на регионалните претставници на турската владејачка Партија на правдата и развојот (AK Parti), а главна тема на неговиот говор беа предвремените парламентарни и претседателски избори, што ќе се одржат во Турција на 24 јуни.
„Посебно сакам да нагласам дека новата ера на Турција ќе биде ера која ќе има поефикасна извршна власт, во таа смисла поавторитативно законодавство и понезависно правосудство“, рече Ердоган, и додаде: „За нас, ако даде Господ, 24 јуни ќе биде еден нов почеток“.
Тој истакна дека на предвремените избори гледа како на можност да се каже што е досега сработено во земјата, и што ќе се сработи во иднина.
„Без оглед на сè, ние на предвремените избори гледаме како на уште еден разговор со нашиот народ, на можност да кажеме што сме сработиле досега и она што ќе го сработиме во иднина“, порача Ердоган.
Турскиот претседател потсети дека изборите на 24 јуни не се појавиле тукутака. За тоа колку е значајно одржувањето на изборите, според Ердоган, може јасно да се види кога се случи обидот за пуч на 15 јули 2016 година. Како што рече, додека Турција водеше борба против тероризмот, некој имал сосема други намери и сметки.