Sibel Kurtoğlu
26 Ноември 2018•Ажурирај: 26 Ноември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, се обрати на Меѓународниот симпозиум за наркотици и јавно здравство, кој се одржа во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Истакнувајќи дека зависностите меѓусебно наликуваат една на друга, турскиот претседател рече: „Ефикасниот пат во борбата со нив е да не се занимавате со комарците, туку да ги пресушите мочуриштата“.
Тој посочи на опасноста од секој вид зависност, додавајќи: „На зависноста од алкохол и цигари им се придодаде и зависноста од електроника, која претставува многу поголема закана“.
Зборувајќи за борбата против тероризмот што Турција ја води, Ердоган рече: „Еден од најзначајните резултати на патот што Турција го измина последните години во борбата против тероризмот е големиот удар врз сите видови трговија со дрога, било да е тоа врз транзитниот транспорт или дистрибуцијата и продажбата“.
- „Доколку борбата не се води на секое поле, тогаш не е можно справување со тероризмот“ -
Претседателот Ердоган зборувајќи за начинот на борбата против тероризмот истакна: „Доколку борбата не се води на секое поле, тогаш не е можно справување со тероризмот, но особено би сакал да истакнам дека како што не ја добивме поддршката во борбата против тероризмот, исто така не добивме доволно поддршка ниту во борбата против трговијата со дрога. Освен тоа, многу необичен и бизарен пример претставува фактот што сите оние коишто отворено и скришно ги поддржуваат терористичките организации, етикетирајќи ги, сите муслимани ги поистоветуваат со исламскиот тероризам.“
- „Светот е безгласен, воопшто не гледа кон Париз“ -
Осврнувајќи се на двојниот аршин што го спроведуваат медиумите, претседателот Ердоган рече: „За време на случувањата на плоштадот „Гези“ во Истанбул, меѓународните медиуми постојано го покажуваа Таксим, нели? Во моментов во Париз постојат терористички акти, но има ли некаков глас од меѓународните медиуми, нема. Светот е безгласен, воопшто не гледа кон Париз. Зошто не го гледа? Бидејќи не сакаат да ги оцрнат. Вие сакале или не, светот го следи тоа“.
„Тероризмот и во минатото и денеска претставува проблем кој поради многу различните човечки верувања и убедувања, постои на просторите на коишто живеат луѓето. И покрај сето тоа, најголем хендикеп пред борбата против тероризмот на глобално ниво претставува тоа што само муслиманите се изложени на обвинувања и клевети. Го повикувам целиот свет на обединување околу принципиелната борба против тероризмот која ќе даде резултати“, порача турскиот претседател Реџеп Таип Еродган.