Talha Öztürk
11 Декември 2018•Ажурирај: 12 Декември 2018
ТИРАНА (АА) - Денес 13 европски новински агенции се согласија да соработуваат против лажните вести на меѓународната конференција што се одржа во албанскиот главен град Тирана, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата „Новинските агенции наспроти лажните вести“, чиј домаќин беше Албанската телеграфска агенција (ATA), челниците на новинските агенции ја истакнаа потребата од справување со глобалниот феномен на лажните вести.
Според Албанската телеграфска агенција, било потенцирано дека новите технологии овозможуваат брзо ширење лажни, збунувачки вести, што ја нарушуваат основната човекова слобода, како што е правото на информации.
Фокусот на челниците на агенциите учесници беше големата улога што новинските агенции треба да ја преземат во справувањето со лажните вести.
Во завршниот дел на конференцијата, агенциите се согласија да ја потпишат „Декларацијата од Тирана“.
Anadolu Agency (АА) е меѓу 13-те агенции што ја потпишаа оваа декларација.
Во заедничката завршна Декларација се нагласува дека агенциите имаат слични ставови во однос на тоа како да дејствуваат обединето, имајќи ја предвид различноста.
Агенциите, исто така, се согласија и на следниве принципи:
- Директна соработка помеѓу новинските агенции за верификација на вестите и навремено откривање на лажните вести.
- Развивање ефективни начини и правила за поттикнување на интернет-корисниците и новинарите за справување со дезинформациите.
- Промовирање на доверливите медиуми и едукација на корисниците за навигирање во дигиталната средина.
- Зголемување на транспарентноста на онлајн-вестите кои вклучуваат постојан развој на професионалното новинарство.
- Заштита на разновидноста и одржливоста на вистинскиот медиумски екосистем.
Декларацијата, исто така, ги повикува сите новински агенции, без оглед дали се државно или приватно финансирани, како и меѓународните асоцијации на новинските агенции, да се придружат кон Резолуцијата.
Иницијаторите се новинските агенции АТА од Албанија, Anadolu Agency (АА) од Турција, АНА МПА од Грција, ХИНА од Хрватска, БТА од Бугарија, АЗЕРТАК од Азербејџан, ПАП од Полска, АГЕРПРЕС од Романија, ТАСР од Словачка, УКРИНФОРМ од Украина, ЦНА од администрацијата на кипарските Грци, ФЕНА од Босна и Херцеговина и ТАНЈУГ од Србија.