АНКАРА (AA) - ЈИЛДИЗ НЕВИН ЃУНДОГМУШ - Меѓу документите од периодот на Османлиите, во Архивот на Република Турција, пронајдени се докази дека бунтовите и очекувањата за реализација на желбите на Каталонците за независност се одложени и во 1900 година, токму како што тоа е случај овие денови, јавува Anadolu Agency (AA).
Спротивно на одлуките на Уставниот суд и Владата на Шпанија, во источната покраина Каталонија неодамна беше одржан референдум за независност и во моментите кога се очекуваше властите на таа покраина да го направат тој чекор, тие ја одложија одлуката за прогласување независност.
Документите од 1900 и од 1902 година, пронајдени во турски архив, покажуваат дека на сличен начин завршиле и бунтовите и борбата за независност што Каталонците ја водеа кон крајот на 19. век.
Во тие списи се наведени информациите што тогашниот мадридски конзулат му ги испраќаше на османлискиот двор во периодот на владеењето на султанот Абдулхамид II.
Историчарот Осман Косе за АА рече дека Каталонија поминува низ слични предизвици со кои се соочува и во периодот на Османлиската држава.
Укажувајќи на повеќевековната борба за независност на Каталонците, како еден од најстарите европски народи, Косе рече дека тоа подрачје од 15. век е под власт на Шпанија, но оти Каталонците трпеливо опстојувале на идејата за независност и укажувале на своите културни и други специфичности.
„Каталонците во периодот на 17. и 18. век изведоа низа побуни против властите во Мадрид, но вистинското каталонско востание против шпанските власти започна по втората половина на 19. век. Тоа е период на будење на националните движења во Европа, кој не ја заобиколил ниту Каталонија“, вели Косе објаснувајќи дека националните движења кон крајот на 19. век ја потресоа стабилноста на многу тогашни држави.
„Османлиската држава, која кон крајот на векот загуби голем дел од териториите во Европа и Балканот со Берлинскиот договор 1878 година, значи, во овој период кога се справуваше со ерменските националистички движења, внимателно ги следеше и напорите и движењата на Каталонците за независност. Кон 1900. години активностите во Барселона и околината, особено, активностите и движењата на поддршжувачите на каталонскиот лидер Дон Карлос, беа следени секој ден од страна на османлискиот конзулат во Мадид", истакна Косе.
Тој рече дека Каталонците мeчтаеја да се отцепат од Шпанија и да прогласат независна држава.
„Шпанците пак стравуваа поради бунтот во Каталонија. Каталонците го обвинуваа шпанскиот премиер Францис Силвел ле Виелуз (1899.-1900) дека ги изневерил бидејќи наводно им ветил потполна автономија. Колку и да негирал премиерот дека го ветил тоа, Каталонците започнаа тивок отпор и бојкот против Мадрид. Жителите на Барселона и на соседните градови одбиваа да платат давачки, ги затворија пазарите, се собираа на протести и започнаа бунт", се наведува, меѓу другото, во записите на османлискиот конзулат од тоа време.
Историчарот Косе вели дека во тие списи се наведува оти тогашниот премиер на Шпанија ги затворил лидерите на каталонскиот бунт, што дополнително ги поттикнало страстите на Каталонците, а Шпанија на крајот испратила војска за да ја смири ситуацијата во Барселона.
Во документите на османлискиот архив, исто така, се наведува дека тогашните лидери на Каталонија ги ублажиле своите стави и отишле на преговори во Мадрид, а ситуацијата привремено била смирена откако тогашниот крал Алфонсо XII го сменил премиерот Аилвера.
Сепаратистичките духови во Каталонија не исчезнаа туку две години подоцна, во 1902. година, повторно ескалираа, но не дојде до очекуваниот бунт. Седум години подоцна избувна кратка граѓанска војна.
Борбата на Каталонците за независност во пресрет на Првата светска војна беше најголемиот внатрешен проблем на Шпанија, кој го следеше целиот свет.
Споредувајќи ја тогашната и актуелната криза во Шпанија, историчарот Косе рече дека и денешна Турција будно ја следи состојбата во Каталонија, токму како што тогаш тоа го правеше османлискиот двор.
„Прашањето на Каталонија е внатрешно прашање на Шпанија, но и поинтензивно следење на таа ситуација наметна нелегитимниот референдум што неодамна се одржа на северот од Ирак. Премиерот на Турција, Бинали Јилидирим, рече дека Турција е против референдумот и независноста на северот на Ирак и оти е сосема нормално да биде против таквата идеја во Каталонија“, рече Косе.
news_share_descriptionsubscription_contact


