Selen Temizer,Levent Tok
04 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Градот Деир ез Зор, на сириската граница со Ирак, кој е под контрола на терористичката организација ДЕАШ, се наоѓа во фокусот на вниманието на војната во Сирија. Силите на режимот, поддржани од Русија и од Иран, се блиску до уривањето на опсадата во центарот на градот, кој е важен и за САД поради планот за „држава на ПКК/ПЈД“, јавува Anadolu Agency (AA).
Додека во мировниот процес во Астана во голема мера се запрени судирите на останатите фронтови, борбите во Сирија се движат кон границата со Ирак, на истокот од земјата.
Деир ез Зор во последно време е важен за САД, Русија, Иран, режимот и за терористичките организации ПКК/ПЈД и ДЕАШ.
Поголемиот дел од Деир ез Зор, во којшто според последниот попис живеат околу 230.000 луѓе, од јули 2014 година се наоѓа под контрола на ДЕАШ.
Периферијата на градот ја контролира ДЕАШ, кој во центарот и во неговата околина ги држи под опсада режимските сили.
Нападите на коалицијата, предводена од САД и на сојузничката терористичка организација ПКК/ПЈД, изведени во последните неколку месеци во Рака – последното упориште на ДЕАШ, предизвикаа милитантите на таа организација да се повлечат во Деир ез Зор.
Минатата недела, според договорот со Хезболах, членовите на ДЕАШ на сириско-либанската граница преминаа во овој град.
Во март, силите на режимот успеаја да ја заземат Палмира, со што се приближија до Деир ез Зор, во којшто се наоѓаат членовите на ДЕАШ.
Во соопштението на Министерството за одбрана на Русија, објавено на 21. август, се наведува дека ДЕАШ, со губењето на моќта во Рака и во Западен Хомс, во текот на август се фокусирал на структурите во Деир ез Зор, поради што победата над терористичката организација во тој град е од стратешко значење.
Режимските сили кон почетокот на минатиот месец го зазедоа подрачјето на Сукна, источно од Хомс, потоа планината Бирсеј и селата Бир Кусејб, Тар Ел Тарфави и Каср Тарфави.
Командантот на коалицијата против ДЕАШ, Стив Тоунсен, неодамна изјави дека следната станица во борбата против ДЕАШ ќе биде Деир ез Зор и оти во таа операција ќе го поддржат ПКК/ПЈД, инаку огранок на терористичката организација ПКК во Сирија.
Од друга страна, режимот во операцијата за Деир ез Зор бара поддршка од Русија, но и од Иран.
Припадниците на Хашди Шаби, која е поддржана од Иран, а е дел од администрацијата во Багдад, се позиционирани во Мосул.
Споменатите сили, под изговор за борба против ДЕАШ во Ирак, зазедоа одделни позиции во Мосул, кој е на границата со Сирија.
Иранската милиција чека во подрачјето на Закф, северно од Танф, за да се соедини со единиците на Хашди Шаби.