Güç Gönel
22 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Организацијата „Лекари на светот“, којa обезбедува медицинска помош за луѓето што имаат потреба, повикувајќи се на податоците од Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека две милијарди луѓе се принудени да пијат загадена вода, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на „Лекари на светот“ потсетуваат дека Светскиот ден на водата се одбележува секој 22 март, со цел подигнување на јавната свест и насочување на глобалното внимание за значењето и важноста на водата.
Во соопштението се укажува на состојбата во која се наоѓаат луѓето што немаат пристап до чиста вода, која е неопходна за здрав начин на живот.
Податоците од извештајот на СЗО, покажуваат дека секоја година 502.000 луѓе умираат од дијареја предизвикана од лошите санитарни услови и користење загадена вода.
„Се претпоставува дека во 2025 година, повеќе од половина луѓе во светот ќе живеат во области каде што пристапот до вода е ограничен“, додаваат од организацијата.
Членовите на „Лекари на светот“, со цел да се спречи ширењето на заразни болести предизвикани од лошите санитарни услови, изградија 172 бунари во Чад, Кенија, Нигер, Демократска Република Конго, Сомалија и Авганистан, земји каде што сушата е честа појава, а инфраструктурата лоша, па на тој начин им е овозможен пристап до чиста вода на 120.000 луѓе.
Бусе Гизем Данис, координаторката на проектот на организацијата, укажа на тешкотиите со кои се соочуваат луѓето што сакаат да имаат пристап до вода за пиење.
„Децата во Авганистан тргнуваат по питка вода од осум часот наутро и ова патување трае шест часа, поради што тие не можат да одат на училиште. На годишно ниво, во просек 15 деца умираат на овој пат. Во Нигер, жените пијат вода измешана со канализациска вода на патот, бидејќи немаат пристап до вода за пиење“, додаде таа.
„Лекари на светот“ до денес реализира околу 50 проекти во Авганистан, Сирија, Сомалија, Газа, Уганда, Јемен. Целта е што побрзо да им се помогне на земјите каде што е навистина потребно.