Adem Şalvarcıoğlu
06 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
ЕЛ РОДЕО (АА) - Вулканот Фуего во Гватемала и понатаму исфрла лава и пепел, а бројот на смртни случаи како резултат на ерупцијата се зголеми на 75, јавува Anadolu Agency (AA).
Институтот за судска медицина во Гватемала соопшти дека екипите досега ги пронашле телата на 75 загинати, а најмалку 192 лица се водат како исчезнати.
Во соопштението се наведува дека синоќешната нова експлозија предизвика дополнителна паника меѓу населението, но исто така дополнително ги отежна акциите на терен на надлежните спасувачки екипи.
Шефот на Институтот за судска медицина, Фануел Гарсија, изјави дека стручните тимови сè уште работат на идентификување на телата од жртвите.
Вулканот е оддалечен само 40 километри од главниот град, а вжарената лава го запали местото Ел Родео. Претседателот на Гватемала, Џими Моралес, вчера го посети местото на несреќата, а токму во тој момент спасувачките екипи со хеликоптери спасија неколку десетици селани, заробени во реката од лава.
Од кругот околу вулканот се евакуирани најмалку 3.200 жители, а од Цивилната заштита на Гватемала јавија дека од ерупцијата на вулканот се загрозени речиси 1,7 милиони луѓе.