Senada Ibraimova
19 Октомври 2016•Ажурирај: 20 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се одржа дебата на тема „Истражувачко новинарство – за да се дознае вистината“, како дел од четиригодишниот проект „Mедиумска опсерваторија на Југоисточна Европа", јавува Anadolu Agency (АА).
На дебатата учествуваа познати истражувачки новинари, уредници и професионалци во областа.
Новинарката и основач на Центарот за истражувачко новинарство СКУП – Македонија, Жаклина Хаџи-Зафирова, во своето обраќање рече дека на оваа дебата, која е дел од четиригодишниот проект за медиумска опсерваторија на ЈИЕ, ќе се разговара за суштината и за значењето на истражувачкото новинарство, предизвиците и пречките со кои се соочуваат новинарите.
Нагласувајќи ја потребата да се подигне свеста на граѓаните за важноста на истражувачкото новинарство, Зафирова рече дека е важно да се истакне заемната нишка меѓу граѓаните и новинарите. Пренесувајќи дел од изработената брошура, која е исто така дел овој проект, таа потенцираше дека истражувачкото новинарство е чуварот на демократијата и дека само добро информиран граѓанин може да носи правилни одлуки.
Зоран Иванов, уредник, кој беше еден од учесниците на дебатата, во своето воведно обраќање зборуваше за истражувачкото новинарство во редакциите на македонските медиуми. Според него, нема дефиниција за истражувачко новинарство, но неминовно е дека тоа постои. Опишувајќи го компаративно, како сложен создавачки технолошки процес, тој метафорички истражувачкото новинарство го спореди со рударската професија:
„Ако останатите новинарски жанрови ги компарираме со површински ископи, истражувачкото новинарство би го сместиле во јамските. Првите се на светлината на денот, гледаат, бележат, слушаат, анализираат и пренесуваат. Вторите, јамските копачи, значи истражувачките новинари, само со помош на батериска ламба, во темните јамски ходници ги бараат трагите на тајните сефови во кои се затскриени фактите“, рече Иванов.
Укажувајќи на тешкотиите во овој жанр на новинарство, Иванов истакна дека истражувачкото новинарство е немоќно доколку институциите, политиката и граѓаните се инертни, а медиумите несолидарни со фактите во истражувачките стории.
Неговиот став е дека истражувачкото новинарство во Македонија треба да биде позастапено, за што се потребни повеќе материјални ресурси, време, соодветен кадар, а како најважна компонента ја издвои уредувачката стратегија во редакциите.
Истражувачкиот новинар Горан Лефков во своето обраќање зборуваше од аспект на личното искуство во истражувачкото новинарство. Лефков рече дека за да се направи квалитетна истражувачка сторија, потребни се многу време, посветеност и упорност, и исто така, потенцираше дека е важна транспарентноста, односно институциите треба да бидат отворени и достапни за јавноста.
Истражувачката новинарка Мери Јордановска, пак, говореше за важноста на добро и јасно напишаната истражувачка сторија. Пренесувајќи дел од своето искуство, таа рече дека е многу важно да се најде начин за посликовито и поопипливо да им се објаснат работите на граѓаните во една истражувачка сторија, па макар тоа да биде и нацртано со слики.
Дебатата е организирана од страна на Македонскиот институт за медиуми, во соработка со здружението Центар за истражувачко новинарство СКУП – Македонија и онлајн-списанието Инбокс 7, а проектот „Медиумска опсерваторија на Југоисточна Европа" е финансиран од Европската Унија.