Zülfiya Yakup
16 Март 2017•Ажурирај: 17 Март 2017
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денес учествуваше на отворена дебата со претставниците на српските медиуми и цивилното општество, организирана во Медиа центарот, кај Приштина. На дебатата е разговарано за иницијативата на Тачи за формирање војска, како и за формирање заедница на општините со српско мнозинство, јавува Anadolu Agency (AA).
Косовскиот претседател истакна дека Србија нема јурисдикција над имотот во Косово и дека е легална одлуката на Владата на Косово сиот недвижен имот регистриран на име СФРЈ, Србија и на Автономна покраина Косово, да го регистрира на име на Косово.
„Србија нема имот во Косово. Јавниот имот е сопственост на Косово. Косово беше конститутивен дел од југословенската федерација, Југославија се распадна. Србија не е наследник на Југославија, Србија е една од државите во регионот и одлуката на Владата на Косово е праведна, законска, уставна и легална“, изјави Тачи.
Тачи истакна дека косовските власти се определени да се формира заедница на општините со српско мнозинство во Косово, како што беше договорено за време на дијалогот во Брисел, и дека е започнат процесот на изработка на статутот на заедницата, но дека треба да се ангажираат срспките политички претставници.
„Оттука уште еднаш ги повикувам политичките претставници на косовските Срби да се вратат во косовските институции. Интересите на граѓаните кои им го дадоа гласот можат најдобро да се бранат учествувајќи во работата на институциите, а не бојкотирајќи ги. Можеби интересот на Србија е тие да бидат надвор од институциите, но тоа сигурно не е во интерес на самите српски граѓани на Косово“, изјави Тачи.
Голем дел од дебатата беше посветен и на формирањето на војската на Косово на иницијатива на претседателот Тачи. Тачи изјави дека неговата иницијатива е со измена на законот мандатот на Безбедносните сили на Косово (БСК) да се трансформира во воени сили, во согласност со косовскиот Устав и закон.
Тој изјави дека Косово не може да прифати да се консултира и да се координира со Србија за прашањата од стратешки интерес и за суверенитетот на Косово, и дека иако се води дијалог за нормализација на односите во Брисел, Србија и понатаму на Косово му пречи на секој чекор. „Косово по секоја цена ќе го чува стратешкото партнерство со меѓународната заедница, а особено со САД“, додаде Тачи.
„БСК и денес во практиката се војска на Косово, бидејќи се вооружени. Но, нашата задача е да имаме војска и де јуре, бидејќи само така може да започне официјалниот процес за членство на Косово во НАТО. Она што е важно е фактот дека БСК денес е војска утре, професинална мултиетничка сила, со НАТО стандарди и во служба на сите граѓани, без разлика на етничката припадност“, изјави Тачи.
Еден од претставниците на невладиниот сектор од редовите на српската заедница на дебата беше и Ненад Максимовиќ од Центарот за мир и толеранција од Грачаница. Тој го изнесе ставот дека не се сложува со формирањето на косовската војска и дека парите наменети за војската може да се насочат за враќање на раселените Срби од Косово.
Исто така, тој оцени дека матрицата што ја повторуваат косовските лидери, дека Косово напредува секој ден и дека сите заедници се повеќе интегрирани, не е втемелена во реалноста и дека бројот на етничките инциденти не се намалува. Максимовиќ го повика Тачи да го искористи својот авторитет кај Албанците за таквите инциденти да се казнат и да се намалат.
Во врска со иницијативата со која е поттикнато формирањето на Комисија за вистина и помирување, Тачи изјави дека таа институција ќе биде во служба на сите граѓани, дека ќе работи независно и дека поради за подобра иднина ќе мора да се дојде до вистината.