Senada Ibraimova
14 Декември 2016•Ажурирај: 15 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје започна дводневниот тематски состанок за улогата на омбудсманот во заштитата на децата бегалци, во организација на институцијата заштитник на граѓаните – омбудсманот на РМ, ЦРОНСЕЕ – мрежата на детски омбудсмани од државите на ЈИЕ и организацијата „Спасете ги децата“ (Save the Children), јавува Anadolu Agency (AA).
На овој тематски состанок омбудсманите и претставниците на органите за заштита на децата бегалци ќе разменат искуства и ќе дебатираат на темата „Улогата на омбудсманот во заштита на децата бегалци“.
На отворањето на настанот се обрати народниот правобранител на РМ, Иџет Мемети, кој меѓу другото рече дека улогата на омбудсманите е гласно да говорат за проблемите со кои се соочуваат бегалците, особено жените и децата. Според него, политиките и законите на државите на меѓународно ниво, во оваа ситуација не одговараат на инструментите за заштита на детето, особено како што рече тој, на конвенцијата за правата на детето, како и хуманитарното право и правата на бегалците.
„Политиките и активностите што ги презедоа државите како одговор на оваа бегалска криза јасно ја отсликаа немоќта да менаџираат и да го координираат бегалскиот бран преку целосно почитување на меѓународните обврски, обезбедувајќи хуман и достоинствен третман за овие лица, вклучително и на децата“, рече Мемети.
Според него, од овој тематски состанок на кој присуствуваат омбудсманите од повеќе држави, институциите за заштита на децата, како и меѓународните и невладините организации, ќе произлезат конструктивни заклучоци, особено со цел да се заштитат децата бегалци, со акцент на оние што мигрираат без придружба.
Заменикот народен правобранител на РМ, Васка Бајрамовска Мустафа, во своето обраќање рече дека акцентот на тематската дебата ќе се стави на децата бегалци што не се придружувани, односно децата што стигнаа на територијата на Македонија и во државите од ЈИЕ во една ризична состојба, изложени на манипулации и злоупотреби.
„Она што како институција се залагаме е со овие деца да се постапува согласно оперативните стандардни процедури, донесени во ноември 2015 година, и неодложно да им се постави старател, да се создадат услови за да можат да ги остварат правата на јазикот што најдобро го разбираат, со цел да ги поминат сите оние трауми на коишто се изложени“, истакна Бајрамовска Мустафа.
Таа додаде дека е разочарувачки податокот што од почетокот на бегалската криза се располага со различни бројки, во зависност од тоа дали ги дава високиот комесаријат за бегалци или Министерството за внатрешни работи. Досега низ Македонија поминале 8 – 10 илјади деца бегалци без придружба, а според направениот увид од институцијата народен правобранител во безбедносната куќа каде што се сместени и други категории бегалци во ризик, моментално има вкупно 5 деца бегалци без придружба.
Овој состанок е организиран со финансиска поддршка на организацијата „Спасете ги децата“, а ќе се одвива во текот на денешниот и утрешниот ден.