Amina Zorniç
10 Октомври 2016•Ажурирај: 10 Октомври 2016
ВАШИНГТОН (АА) - На Универзитетот „Вашингтон“ во Сент Луис, синоќа е одржана втората дебата на Доналд Трамп и Хилари Клинтон, кандидатите за американски претседател, пренесува Anadolu Agency (AA).
Дебатата ја водеа новинари на „Си-ен-ен“ и „Ен-би-си“, со асистирање на водител, а присутната публика можеше да поставува прашања.
Во пресрет на почетокот на дебатата, Клинтон и Трамп го одбегнаа традиционалното ракување, а уште од почетокот почнаа со меѓусебни обвиненија.
Клинтон веднаш се осврна на навредливите коментари на Трамп упатени кон жените, на што Трамп изјави дека однесувањето кон жените на поранешниот претседател Бил Клинтон, сопругот на Хилари Клинтон, било „полошо од неговото“.
„Кај мене се работи за зборови, кај него за дела“, изјави Трамп.
Трамп изјави дека доколку биде избран за американски претседател, ќе именува посебен обвинител кој би спровел истрага за Клинтон, бидејќи таа, како тој истакна, ја довела во опасност националната безбедност.
Клинтон возврати велејќи дека е добро што некој со темперамент како на Трамп, не е задолжен за спроведување на законот во Америка.
„Во тој случај, вие би биле в затвор“, изјави Трамп.
Клинтон потсети на расистичките и хомофобни коментари на Трамп упатени особено кон муслиманите. Таа истакна дека Америка треба да биде отворена кон муслиманите како и кон сите други луѓе.
„Ужасно кратковидо е да се впуштам во реторика за муслиманите каква што користи Трамп“, изјави таа.
Републиканскиот кандидат потсети на времето кога Клинтон била американска државна секретарка велејќи дека сѐ што сторила во надворешната политика било погрешно и катастрофално.
Клинтон и Трамп се спротивставија и околу серија други прашања како данокот, здравственото осигурување и војната во Сирија.
Американските медиуми синоќешната дебата ја нарекоа „клучна“ бидејќи анкетите покажаа кој од двајцата кандидати има поголема поддршка од граѓаните пред изборите на 8 ноември.