Rahmi Gündüz,Ekip
10 Октомври 2016•Ажурирај: 10 Октомври 2016
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател, Франсоа Оланд, порача дека оние што стојат зад воените злосторства сторени во сирискиот град Алепо, ќе платат за своите дела пред Меѓународниот суд на правдата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Жителите на Алепо се жртви на воени злосторства. Оние што ги сториле тие дела ќе одговараат за нив пред Меѓународниот суд на правдата“, изјави францускиот претседател во интервју за француската телевизија „ТФ1“, кое ќе се емитува вечерва.
Откако Русија стави вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, која ја подготвија Франција и Шпанија, а предвидува прекин на огнот во сирискиот Алепо и забрана за надлетување за сите воени авиони, Оланд истакна дека сѐ уште не е сигурен дали ќе го прими рускиот колега Владимир Путин, кој во Париз би требало да допатува на 19 октомври.
„Си поставив прашање: Дали би било корисно? Дали би било неопходно? Можеме ли да го прекинеме она што го прави сирискиот режим? Тоа значи поддржување на режимските сили коишто фрлаат бомби врз населението на Алепо“, изјави Оланд.
„Доколку одржиме состанок, ќе му кажам дека тоа е неприфатливо. Тоа е сериозно, дури и за угледот на Русија“.