Servet Günerigök
23 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
ЊУЈОРК (АА) - Третата изложба на фотографии од натпреварот „Istanbul Photo Awards 2018“ е отворена во седиштето на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик генералниот директор на АА, Мустафа Озкаја, изрази задоволство со поставката во Њујорк, и потсети дека изложбата претходно е одржана во Истанбул и Анкара.
„Istanbul Photo Awards“ е престижен меѓународен натпревар кој го организира АА, а чии главни спонзори се Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА), Град Истанбул и „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines).
Озкаја на отворањето на изложбата во Њујорк изјави дека „Istanbul Photo Awards“ е натпревар кој прераснал во престижен и светски познат настан.

„Во име на генералниот директор Шенол Казанџи и сите вработени на АА сакам да се заблагодарам на ОН што трет пат ја угостија изложбата. Им се забагодарувам на сите наши гости и спонзори“, изјави Озкаја.
Амбасадорот на Република Турција во ОН, Феридун Синирлиоглу, го пофали „Istanbul Photo Awards“ поради фактот што тој натпревар ги поддржува младите и талентирани фоторепортери низ светот.
„На оваа изложба можеме да се увериме во силата на фотографиите во пренесувањето силни пораки на целото човештво“, изјави Синирлиоглу.
Тој во таа пригода оддаде почест и на неодамна починатиот турски фоторепортер Ара Ѓулер.
Меѓу гостите на изложбата имаше голем број официјални претставници од различни делови на светот, и еден од победниците на натпреварот, Маркус Јам од САД. Неговата серија фотографии за минатогодишните пожари во Калифорнија победи во категоријата природа и околина.

Изложбата со вкупно 40 фотографии во Њујорк ќе биде отворена до 2 ноември.
На овогодишниот натпревар се натпреваруваа околу 37.000 фотографии од 125 држави, а награди добија 27 фоторепортери од 22 земји.
Босанскохерцеговскиот фоторепортер Дамир Шагољ победи во главната категорија на фотографии на годината со трогателната фотографија на момче Рохинџа од Бангладеш.
Канаѓанецот Кевин Фрајер победи во категоријата вести, а и тој ги фотографираше Рохинџа бегалците.
Сите победнички фотографии се наоѓаат во поставката на изложбата, а достапни се и на официјалната интернет-страница www.istanbulphotoawards.com. На таа страница сите фоторепортери од целиот свет можат да се пријават за следниот натпревар. Пријавите можат да се испратат во период од 1 ноември до 21 декември оваа година.