Gamze Türkoğlu Oğuz
26 Септември 2018•Ажурирај: 27 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Во Соединетите Американски Држави (САД) е подготвено обвинение за припадникот на терористичката организација ФЕТО, Кемал Оксуз, во врска со организирањето на патување во Азербејџан на членовите на американскиот Конгрес во 2013 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обвинението што е објавено на веб-страницата на Министерството за правда на САД е наведено дека Кемал (Кевин) Оксуз го прикрил изворот на средствата со кои во 2013 е платено патувањето на делегацијата на американскиот Конгрес во Азербејџан.
Оксуз во обвинението се товари за пет различни кривични дела, а меѓу останатото се товари дека давал лажни изјави, и дека тајно го финансирал патувањето на членовите на американскиот Конгрес, односно дека патувањето е платено со средства што се префрлени од нафтената компанија која е под контрола на Владата на Азербејџан.
Етичкиот комитет при американскиот Конгрес (OCE) во 2015 година објави извештај според кој организациите поврзани со терористичката организација ФЕТО или движењето попознато како Хизмет, на чело со Фетула Ѓулен, од 2008 година тајно финансирале над 200 патувања на американските конгресмени, со што се прекршени правата на Конгресот и федералните американски закони.
Етичкиот комитет подоцна објави дека не се пронајдени докази оти членовите на делегацијата на Конгресот со ова патување „свесно ги прекршиле правата“ на Конгресот.
Кемал Оксуз, инаку е брат на Адил Оксуз, кој беше клучно име во неуспешниот пуч на ФЕТО во Турција. Адил Оксуз, познат и како имам на ФЕТО во воздухопловните сили, непосредно пред неуспешниот обид за пуч е приведен, но потоа и ослободен откако изјавил дека во воздухопловната база се нашол случајно при разгледувањето на крајбрежјето.
Неговиот брат, Кемал Оксуз, исто така е едно од бројните водечки имиња на терористичката организација ФЕТО, која стои зад неуспешниот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година. Некои од нив порано, а некои и по обидот за пуч, ги напуштија дотогашните престојувалишта и побегнаа од Турција, а пронајдоа засолниште во голем број земји во светот.
Оксуз, кој е претседател на Евроазискиот-американски совет, живее во луксузна вила во градот Арлингтон, во американската сојузна држава Вирџинија, чија вредност се проценува на 1,7 милиони долари. Оксуз за престојот во оваа вила месечно плаќа 7.000 долари.