Mümin Altaş
08 Март 2018•Ажурирај: 08 Март 2018
АНКАРА (АА) - Во операцијата „Маслинова гранка“ во подрачјето на Африн, Сирија, која Вооружените сили на Турција (ТСК) и Слободната војска на Сирија ја започнаа на 20 јануари, се неутрализирани вкупно 3.089 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, информираше дека од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ досега се неутрализирани 3.089 терористи.
Од Генералштабот на Турција е соопштено дека и денес продолжуваат акциите на копно и од воздух со цел неутрализација на терористите на ПКК/КЏК/ПЈД-ЈПГ и ДЕАШ. Од таму информираат дека Турските вооружени сили и Слободната војска на Сирија го ослободија и центарот на Џиндерес, а во тек се судирите со терористите на повеќе места.

Репортерот на АА од теренот јавува дека турската војска и силите на сириската опозиција во изминатите 24 часа од терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ ослободиле неколку локации и продолжиле да го стегаат обрачот околу центарот на Африн.
Посебно важен успех е ослободувањето на селото Кафр Џене, кое е последна голема населба од североисточната страна на урбаниот центар на Африн.
Соочени со сè поголеми загуби, терористите на ЈПГ/ПКК во центарот на Африн не им дозволуваат на цивилите да го напуштат градот, туку ги принудуваат да копаат ровови и канали околу градот.
Турските сили на ослободените локации во Африн запленија голем број докази за валканата практика на терористите на ЈПГ/ПКК кои принудно ги носат малолетните момчиња и девојчиња во кампови и на боишта. За тоа сведочат дигиталните материјали кои турските силе ги пронајдоа во терористичките засолништа, како и снимките од фотоапаратите најдени кај неутрализираните терористи.
Подрачјето на Африн, кој се наоѓа во северозападниот дел на Сирија, се граничи со турските области Хатај и Килис. Делот од границата во облик на полумесечина целосно е под контрола на Турските сили и Слободната сириска војска.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право, засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот: 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и во Европската Унија (ЕУ). ПКК, уште од средината на 1980-тите години, води терористичка кампања против Турција.