Ekipa
10 Јули 2017•Ажурирај: 10 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул синоќа свечено беше отворен 22. Светски конгрес за нафта под насловот „Мостови на енергетиката во иднина“, кои собра многу светски функционери и претставници на најголемите светски нафтени компании, јавува Anadolu Agency (AA).
Јожеф Ласло Тот, претседател на Светскиот совет за нафта, на церемонијата на отворањето рече дека предизвиците со кои се соочува нафтениот сектор се зголемуваat како што се зголемува и светската популација, а економскиот развој произведе голем број на потрошувачи.
Тој додаде дека и во следните децении нафтата и природниот гас остануваат водечки светски енергетски ресурси.
„Безбедна и еколошки прифатлива, идната потрошувачка на енергија ќе бара огромни инвестиции, технологија, најквалитетни човечки ресурси и супериорна, етички деловна практика“, нагласи Тот.
На овогодишниот Светски конгрес за нафта, кој се одржува во Конгресниот центар во Истанбул, присуствуваат голем број официјални лица од Турција и од земјите од светот, како и претставници на најголемите светски нафтени компании.
Меѓу учесниците е и американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, кому му е доделено највисокото признание на Светскиот конгрес за нафта.
Тилерсон, поранешен извршен директор на компанијата ExxonMobil, во периодот од 2006 до 2016 година, ја доби наградата за исклучителен придонес во индустријата на нафта и гас.
Тој истакна дека Турција е важен партнер во промоциијата на поголема енергетска безбедност, со оглед на тоа што се наоѓа на крстосницата на енергетските извори.
Во своето обраќање на отворањето, Тилерсон ја пофали храброста на турскиот народ во одбраната на демократијата од неуспешниот обид за воен удар на 15 јули минатата година.
Во рамките на Конгресот планирани се тркалезни маси, работни групи, форуми и панели на кои ќе се дискутира за конвенционалните и неконвенционалните извори на енергија, како и за глобалните политики во однос на можностите за енергетска ефикасност, поквалитетна инфраструктура и инвестиции во нафтениот сектор.
Во текот на Конгресот, пред присутните свое обраќање ќе имаат бројни лидери на компании од секторот на нафтата и гасот, вклучувајќи ги и челниците на ОПЕК, „Royal Dutch Shell“ (Ројал Дач Шел), „ExxonMobil“ (ЕксонМобил) и „Saudi Aramco“ (Сауди Арамко).
Инаку, Светскиот конгрес за нафта се смета за најголем настан во областа на нафтената и индустријата на гас во светот.
Светскиот конгрес за нафта во Истанбул ќе трае од 9 до 13 јули.