Ruslan Rehimov
26 Февруари 2018•Ажурирај: 27 Февруари 2018
БАКУ (АА) - Со низа пригодни програми во многу азербејџански градови денес се одбележува 26-годишнината од масакрот во селото Хоџали, во кое воените сили на Ерменија убија 613 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Централната манифестација се одржа во Баку, пред Споменикот на жртвите од масакрот во Хоџали, на која присуствуваа азербејџанскиот претседател Илхам Алијев, бројни официјални претставници, амбасадори, како и семејствата на жртвите и граѓани.
Официјалната програма започна со полагање венец од страна на претседателот Алијев.
Илјадници Азербејџанци пред споменикот сведочеа дека болката не исчезнала дури и по 26 години.
Покрај во Баку, и во другите азербејџански градови се одржуваат разни програми за сеќавање на масакрот во Хоџали, што се случи во 1992 година.
Ерменската војска претходно го зазеде главниот град на Нагорно Карабах, Хакенди, а потоа мета на нивните напади станаа азербејџанските села, од кои Хоџали беше најголемо. Во Хоџали се наоѓаше единствениот аеродром во регионот, кој беше важен канал за достава на хуманитарна помош на Азербејџанците во таа област.
Масакрот на ерменската војска во селото Хоџали беше најкрвавиот настан во војната меѓу Ерменија и Азербејџан, која беше водена на почетокот од 90-тите години на минатиот век, поради спорната област Нагорно Карабах.
Хоџали е место кое ерменските сили го окупираа кон крајот на 1991 година. Станува збор за област што опфаќа 936 километри кавадратни, во која живеат 2.605 семејства, или 7.000 луѓе.
На крајот на јануари 1992 година, ерменската армија целосно го окупира Хоџали, а на 25 февруари започна жестока вооружена окупација на местото.
Според официјалните податоци, во масакрот во Хоџали загинаа 613 цивили, меѓу кои имаше 106 жени и 83 деца. Тешко повредени беа 487 лица. Ерменските сили заробија 1.275 луѓе, од кои 150 сè уште се водат како исчезнати.