Admir Fazlagic
12 Октомври 2016•Ажурирај: 13 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - „Претседателот Вељаноски, почитувајќи ги во целост преземените обврски согласно разговорите на најголемите партии со посредство на меѓународната заедница, ја информира јавноста дека точките за распуштање на осмиот состав на Собрането ќе бидат дополнети на дневниот ред на седницата која е закажана за 17.10.2016 година, после точката која се однесува на усвојувањето на Буџетот за 2017 година", соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски точката за распуштање на Собрането ја стави како дополнување на дневниот ред на седницата закажана за 17 октомври веднаш по точката која се однесува на усвојувањето на Буџетот за 2017 година.
Во соопштението се наведува дека претседателот на Собранието „го поздравува ставот на пратеничката група на СДСМ за распуштање на Собранието, за разлика од минатите два пати кога оваа партија бараше одложувања на веќе закажаните парламентарни избори“.
Истовремено, Вељаноски го поздравува и ставот на партиите од владејачкото мнозинство, кои, исто така, во континуитет стојат на позициите за распуштање на овој парламентарен состав согласно постигнатите договори.
„Овој факт е од исклучително значење бидејќи единствено на тој начин, консензуално, преку избори, мандатот повторно ќе го добие народот и тој, како најмеродавен судија ќе ја даде најточната оценка", се наведува во соопштението, во кое меѓу останатото претседателот на Собранието изразува увереност дека на овој начин македонските пратеници ќе успеат да ги остварат двете суштински цели.
„Прво, да ја исполнат до крај својата обврска да работат до последниот ден во интересот на државата, стабилноста на институциите и непреченото функционирање на системот со носењето на најважниот акт, Буџетот, кој секоја година го усвојуваат претставниците на народот; второ, да ја испочитуваат преземената обврска за распуштање на Собранието, бидејќи законските рокови во целост и без исклучок дозволуваат тој чин да се направи на 17 октомври за да може, се посочува, да се одржат изборите на договорениот датум на 11 декември."
Исто така, претседателот Вељаноски очекува од пратениците на опозицијата да застанат зад споменатиот план бидејќи така, смета тој, на најдобар начин ќе ја покажат својата посветеност кон преземените обврски од договорите, како и одговорноста кон Македонија.
„Оттаму, за претседателот на Собранието, секој поинаков став на опозицијата, како тој за распуштање на Собранието на 12 октомври, ќе биде оценет како уште еден акт на политичка неискреност и како дел од планот на опозицијата да издејствува ново, трето по ред одложување на изборите", вели во соопштението од кабинетот на Вељаноски.