Иванов-Туск: Македонија се залага за сеопфатно европско решение за бегалската криза
Претседателот Иванов го информираше Туск за најновите состојби, како и за мерките и активностите што ги превзема Република Македонија во справување со бегалската криза.Admir Fazlagic
02 Март 2016•Ажурирај: 03 Март 2016
SkopjeСКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој е во посета на Република Македонија, соопштија од Кабинетот на претседателот Иванов, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателот Иванов, на средбата се дискутирало за напорите за постигнување на заедничко европско решение за бегалската и мигрантската криза.
Претседателот Иванов го информираше Туск за најновите состојби, како и за мерките и активностите што ги превзема Република Македонија во справување со бегалската криза.
Во таа насока, македонскиот претседател го реафирмираше ставот дека Република Македонија се залага за сеопшто европско решение, што ќе опфаќа заеднички критериуми за справување со мигрантската криза.
„Бараме и очекуваме решение од Европскиот совет и немаме никаков интерес целиот товар да падне само на Грција, но нема да дозволиме да се реализираат еднострани решенија што ќе бидат на наша штета. Воедно, Република Македонија ќе соработува со јужениот сосед за надминување на предизвиците од мигрантската криза“, истакна претседателот Иванов.
На средбата со Туск, според соопштението, претседателот предупреди дека се зголемуваат обидите за насилно влегување во Македонија, употребата на фалсификувани пасоши и документи на ФРОНТЕКС, како и насилството врз безбедносните сили на граничната линија, со што се доведува во прашање не само националната безбедност, туку и регионалната стабилност.
Претседателот Иванов беше дециден дека во случај на затворање на балканскиот мигрантски коридор, Република Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за хуман третман на мигрантите кои транзитираат, како и за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност.
„Република Македонија досега покажа дека е подготвена на сите сценарија и нема да дозволиме зголемување на безбедносните ризици од мигрантската криза“, порача македонскиот претседател Иванов.
Претседателот Иванов уште еднаш потврди дека на територијата на Република Македонија нема да се дозволи изградба на бегалски кампови.
Во таа насока, се вели во писменото соопштение,соговорниците се согласија дека е потребна итна координирана и синхронизирана акција на сите засегнати држави и усогласено сеевропско решение.