СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Македонија преку писмено соопштение информираше за досегашните официјални податоци во врска со уривањето на комерцијалниот авион, што се случи вчера, кај село Кожле, во близина на Катланово, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението пишува дека на 6.9.2016 година, во 17.36 часот дежурен полициски службеник во Единицата за известување и команда при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје пријавил дека од аеродромот „Александар Велики“ Скопје, на 10 километри кон Велес се изгубил комерцијален авион со шест патници во него.
„Според првичните информации од Контролата на летање, се работи за приватен авион од типот „PAJPER PA 34“ со германски регистарски ознаки. Тој полетал од Тревизо, Република Италија, а крајната дестинација му била Приштина. Над Република Македонија требало да изврши прелет и бил пријавен на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје за дополнување гориво“, стои во соопштението.
Се наведува дека околу 18.45 часот, телефонски од СВР-Велес е добиена информација дека жител од с. Кожле, општина Петровец – Скопје, пријавил во СВР Велес дека во атарот на селото слушнал експлозија, по што околу 20.00 часот од страна на полициски службеници, заедно со мештани од селото Кожле, пронајдени се остатоци од авионот на местото викано „Јеловица“ во атарот на селото.
Од извршениот преглед на теренот, пронајдени се делови од авионот, и тоа: крило со една гума, метална електронска кутија, два мобилни телефона, карти за патување и една италијанска патна исправа. Веднаш по известувањето, во 18.45 часот е активиран Одделот за специјални полициски операции, од каде што се ангажирани 50 полициски службеници со 10 моторни возила од Единицата за специјални задачи, како и 120 полициски службеници со 15 моторни возила од Единицата за брзо распоредување. По пронаѓањето на авионот од страна на полициски службеници од ЕСЗ, извршено е обезбедување на периметарот во местото на настанот и известен е јавен обвинител од ОЈО Скопје, кој излегол на местото на настанот. Извршено е првично фотографирање, но поради немање услови за вршење увид, согласно насоките од јавниот обвинител, планирано е тој да продолжи во утринските часови, информираат од МВР.

Меѓу останатото, МВР соопштува и дека по добивањето на информацијата, известена е и итната медицинска помош и Единицата за противпожарна заштита од Скопје.
„Поради непристапноста на теренот и лошите временски услови, екипата на итната медицинска помош пристигнала на местото на незгодата околу 01.00 часот на 7.9.2016 година, додека екипата на противпожарната единица, откако пристигнала во село Кожле, била вратена назад поради тоа што немало потреба од нивна интервенција“
Во текот на ноќта, пишува во соопштението, формирана е стручна екипа составена од јавен обвинител, претставници од Судска медицина, истражители од Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, како и полициски службеници од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР, ЕУМНА при СВР Скопје, УПС од СВР Скопје, Единица за насилен криминал, Одделение за крвни и сексуални деликти, потраги и ЦПС. Тие на 7.9.2016 година, во 06.00 часот се упатиле кон местото на незгодата со цел да продолжат активностите во насока на обезбедување на местото на настанот, вршење увид и идентификација на починатите лица заради обезбедување докази за причините за авионската незгода и смртта на патниците.
Како што информира МВР, утринава (7.9.2016) екипите што се упатиле на местото на настанот, поради лошите теренски услови, во 10.00 часот пристигнале, а во 10.30 часот започнале со обезбедување на локациите за кримтехничко одбележување на трагите.
Министерството за внатрешни работи, во координација со другите надлежни институции презема мерки и активности за утврдување на сите детали околу авионската несреќа и за целосно документирање на настанот.
news_share_descriptionsubscription_contact
