Ekipa
04 Септември 2016•Ажурирај: 05 Септември 2016
ВАТИКАН (АА) - Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франческо, ја прогласи Мајка Тереза за светица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Силен аплауз одекна на Плоштадот Свети Петар дури и пред папата Франческо да го заврши изрекувањето на ритуалот на канонизација, на почетокот на мисата.
Во текот на целата ноќ, поклониците се молеа стоејќи во близина на црквата а пред зори тргнаа кон Ватикан, под силни безбедносни мерки.
Папата Франческо, следејќи ги чекорите на Мајка Тереза, ќе подели пијалоци за околу 1.500 бездомници, кои се собраа во Ватикан по повод нејзината канонизација.
Бездомниците, од кои поголем број живеат во сместувалиштата на Мајка Тереза кои денес ги водат незините следбенички „ Сестрите на милосрдието”, синоќа тргнаа со автобуси од цела Италија кон Рим, за да учествуваат на денешната миса.
На бездомниците за време на церемонијата ќе им бидат обезбедни почесни места, а потоа ќе им биде сервиран ручек во холот на Ватиканскиот аудиториум.
Македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорѓе Иванов, присуствуваше на церемонијата на канонизација, а како земја на потекло на Мајка Тереза, Република Македонија заедно со Албанија и Индија имаа посебно место на оваа церемонија.
Мајка Тереза е родена во Скопје на 26 август, 1910 година, кое тогаш беше во состав на Османлиското царство, а почина во Калкута, Индија, на 5 септември 1997 година. Таа беше католичка мисионерка со албанско потекло. Родена е под името Агнеза Гонџа Бојаџиу. Во 1950 година во Индија го основаше редот „Мисионерки на љубовта кон ближниот“. Преку 45 години им служела на сиромашните, болните и на сирачињата.
„Мисионерките на љубовта” од почетна мала заедница со време прераснаа во заедница која брои 5.000 калуѓерки во околу 600 мисии, училишта и засолништа во 120 држави низ светот.
Добитничка е на Нобеловата награда за мир во 1979 година, и многу други меѓународни награди.
Папата Јован Павле II на 19 октомври 2003 година ја прогласи Мајка Тереза за блажена.