Ekipa
16 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
АТИНА (АА) - Грчките власти денес потврдија дека бројот на загинатите во поплавите во Грција се зголеми на 16 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Шестмина се водат за исчезнати, но оваа информација останува непотврдена.
Од 16-те загинати лица, десет се мажи а пет жени. Не е потврден идентитетот на шеснаесетото лице пронајдено утринава.
Според првичните процени на грчките власти, околу 300 автомобили сe уништени во надојдените води на патиштата во областите Неа Перамос и Мегара, кои се претворени во брзи реки, заробувајќи ги патниците во нивните возила и жителите во нивните домови.
За да ги избегнат поплавите, некои луѓе се качуваа на покривите од нивните куќи.
Од страна на шефот на Обвинителството на првостепениот суд, Илијас Загореос, издадена е наредба да се спроведе истрага што ќе се фокусира на тоа дали имало прекршување на законот, особено во урбанистичкото планирање.
Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во синоќешното соопштение истакна: „ Жал ми е што дознав за големиот број загубени животи за време на катастрофалните поплави што ја погодија централна Грција“.
Европскиот комесар за хуманитарна помош и управување со кризи, Христос Стилианидес, рече дека е во постојан контакт со грчките министри.
Во денешното соопштение од турското МНР, се вели дека Турција е подготвена да ѝ помогне на Грција по катастрофалните поплави.
„Турција се солидализира со Грција и подготвена е да обезбеди секаков вид на помош“, се вели во соопштението.