Ahmet Gürhan Kartal
17 Јануари 2019•Ажурирај: 18 Јануари 2019
ЛОНДОН (АА) - Лидерката на Долниот дом на Парламентот на Велика Британија, Андреа Лидсом, денес изјави дека на 29 јануари британските пратеници ќе гласаат за парламентарниот План Б за Брегзит, јавува Anadolu Agency (AA).
Британската премиерка Тереза Меј в понеделник ќе даде изјава за нејзината нова стратегија за Брегзит, откако нејзиниот план беше одбиен од страна на поголемиот дел од пратениците оваа недела.
„Меј ќе поднесе предлог за напредокот во процесот на Брегзит, а дебатата ќе се одржи во Долниот дом на Парламентот на 29 јануари пред гласањето“, изјави Лидсом.
Британската премиерка Тереза Меј синоќа изјави дека започнала со конструктивни средби со претставниците на опозициските партии, со цел пронаоѓање начин за напредок во процесот за Брегзит.
Во изјавата која ја даде за новинарите на „Даунинг стрит“ 10, Меј изјави дека се сретнала со лидерот на Либералдемократите, лидерите на Шкотската национална партија (SNP) и на водечката партија во Велс, партијата Плејд Кумру, и дека ќе продолжи да одржува такви средби со групи пратеници кои го нудат најширокиот спектар на размислувања во Парламентот, вклучувајќи ги и пратениците од нејзина доверба и партнерите од Демократската унионистичка партија (ДУП).
„Оваа вечер, Владата ја доби довербата на Парламентот“, изјави Меј синоќа.
„Ова сега ни дава можност на сите да се фокусираме да пронајдеме начин за напредок во процесот за Брегзит“, рече Меј.
По поразот на гласањето за Договорот за Брегзит склучен со ЕУ, синоќа пратениците гласаа за доверба на Владата, при што Владата освои доверба со поддршка од 326 пратеници.
Речиси сите пратеници од Конзервативната партија ја поддржаа Владата на Меј, иако дури 118 од нив вчера гласаа против нејзиниот Договор за напуштање на Европската Унија.