Ekipa
31 Мај 2017•Ажурирај: 31 Мај 2017
КАБУЛ (АА) - Во подрачјето на Вазир Акбар Хан, во главниот град на Авганистан, Кабул, област во која се наоѓаат дипломатски претставништва, извршен е бомбашки напад во кој животот го загубија 54 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставник од Министерството за здравство, Вахидулах Макрух, во изјава за АА соопшти дека во нападот загинале 54 лица, претежно цивили, а 320 лица се повредени.
Експлозијата се почувствувала во секој дел од главниот град, поголемиот дел од зградите во Вазир Акбар Хан се оштетени, а околу 30 возила се опожарени.
Според соопштеното, експлодираната бомба била поставена на една цистерна во таа област.
Полицијата ги затвори патиштата што водат кон овој реон.
Во реонот каде што се случи експлозијата се наоѓа германската амбасада, како и згради на разузнавачки служби.
Исто така, турската амбасада се наоѓа во близина на ова место. Според добиените информации, нема загинати во амбасадата, а на зградата на амбасадата е причинета мала штета.