Nilay Kar
11 Април 2018•Ажурирај: 11 Април 2018
АНКАРА (АА) - Проблемите во Сирија не можат да се решат на воен начин, изјави денес турскиот вицепремиер, Бекир Боздаг, осврнувајќи се на последниот спор меѓу САД и Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за новинарите во Анкара, Боздаг изјави: „Турција од самиот почеток рече дека конфликтите во регионот на Сирија мора да бидат спречени и дека тамошните проблеми не можат да бидат решени на воен начин“.
„Исто така рековме дека политичкото решение е многу важно“.
Тој ги изнесе овие забелешки откако американскиот претседател Доналд Трамп денес ја предупреди Русија да се подготви за американскиот ангажман во Сирија.
Трамп на својот профил на Твитер напиша „Русија истакна дека ќе ги собори сите проектили лансирани кон Сирија. Тогаш, Русија биди подготвена, бидејќи доаѓаат проектилите, добри, нови и 'паметни'. Не треба да бидете партнери со едно животно кое убива со гас, кој го убива својот народ и ужива во тоа“.
Во понеделникот, американскиот претседател вети дека ќе преземе акција во рок од два дена по сомнителниот напад со хемиско оружје во Дума, велејќи дека јавноста веројатно ќе биде запознаена со каква било одмазда по овој факт.
Во врска со антитерористичките операции на Турската разузнавачка служба (МИТ), Боздаг рече: „Не се само ограничени во Габон и Косово. Тоа е борба која продолжува секаде, каде и да постои тероризмот“.
Минатиот месец во операцијата спроведена во активна соработка на МИТ и Косовската разузнавачка служба беа уапсени шест високи претставници на ФЕТО/ПДС кои се товарат дека им помагале на членовите на терористичката организација да заминат од Турција на места во Европа и САД.
Вчера, турските разузнавачи исто така донесоа уште тројца високи припадници на ФЕТО во Турција, по антитерористичка операција која беше спроведена против оваа група во централноафриканската земја Габон.
Терористичката организација ФЕТО во ’70-тите години од минатиот век започна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, за во ’80-тите години значително да ја зацврсти својата пирамида во тие институции и на крај, на 15 јули 2016 година изведе неуспешен обид за воен удар, со цел уривање на уставниот поредок и соборување на демократски избраната власт во Турција. Во тој обид за пуч, животот го загубија најмалку 249 лица, додека повредени се повеќе илјади.